Возачот на возраст од 22-години кој управуваше со автомобилот „Цитроен“, и натаму се наоѓа во полициска станица, каде е спроведен по увидот. Вториот пешак кој беше повреден, а беше придружник на загинатата 24-годишна девојка, има набиеници и е пуштен на домашно лекување. Телото на трагично загинатата радовишанка е предадено на обдукција. Случајот е во рацете на јавен обвинител во скопското обвинителство, каде ќе се истражува како точно дошло до сообраќајната несреќа.
Според информации на „А1он“, се чека одлука на јавниот обвинител кој ја води истрагата, да каже дали ќе побара одредување на мерка притвор за возачот. Земени му се крв и урина, за да се утврди неговата состојба во моментот кога управувал со возилото. Во полициска станица може да се задржи 24 часа односно до вечерва, а доколку не биде побаран притвор, ќе биде пуштен дома.
Радовишанецот кој ја преживеа несреќата и помина со полесни повреди, по санирањето на повредите во градската болница св. „Наум Охридски“ е пуштен на домашно лекување. Тој е во лоша психичка состојба.
„Синоќа, кога бил донесен во болница му се направени сите испитувања. Нема тешки повреди, има набиеница во пределот на карлицата. Бил и видно вознемирен, што е последица на тоа што бил сведок на еден таков немил настан. Пуштен е на домашно лекување“, вели Љубен Арсенков, директоротна болницата, „Св Наум Охридски“ за „А1он“.
„А1он“ побара информации од Обвинителството за тоа дали ќе биде побаран притвор за возачот, што би значело и негов спровод во суд, но до овој момент, тие не одговорија на нашите прашања.
Сообраќајната несреќа се случи вчеравечер по 19 часот. Во двајцата пешаци удри автомобил „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 22-годишен возач. Според првичните неофицијални информации од сведоци до кои дојде „А1он“, возачот излегол од една лента и влегол во средната лента на булеварот „Партизански одреди“, по што со голема брзина удрил во двајцата пешаци. Предната страна од автомобилот е искршена, заедно со стаклото кај совозачката страна.