Полната Месечина може да го наруши сонот, тврдат научниците кои откриле докази на „лунарното влијание“ во студија спроведена со помош на 33 доброволци.
Доброволци спиеле во лабораториски контролирани услови, а кога Месечината била тркалезна, ним им требало повеќе време да заспијат и имале значително полош квалитет на сонот наспроти тоа што биле во затемнета просторија, пишува списанието „Current Biology“.
Истражувачите исто така забележале пад во нивоата на хормонот мелатонин кој е поврзан со природниот циклус на внатрешниот часовник на организмот.
Кога надвор е темница, телото произведува повеќе мелатонин, а изложеноста на светлина во текот на ноќта може да го поремети природниот ритам на организмот и нивото на мелатонин.
Доброволците не биле свесни за целта на студијата и не можеле да ја видат Месечината од своите кревети.
Резултатите покажале дека мозочната активност поврзана со длабокиот сон опаднала за третина за време на полната Месечина како и нивото на мелатонин.