Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја прими министерката за Европа и клима на Сојузна Република Германија Ана Лирман и со зборовите за добредојде и за успешна работна посета на нашата земја, изрази задоволство што на неговиот прв работен ден како премиер остварува средба со претставничка на Владата на земја којашто е докажан пријател на Република Северна Македонија и искрен и силен поддржувач на европските интеграции на нашата земја.
Како што соопштуваат од Владата, на состанокот со министерката Ана Лирман, на кој присуствуваше и министерот Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски изрази благодарност што новоизбраната влада на СР Германија, предводена од канцеларот Олаф Шолц, го стави проширувањето на ЕУ со Западен Балкан високо на нејзината коалициона програма и особено што експлицитно ја нагласи потребата без натамошно одложување да се отворат првите преговарачки поглавја со Северна Македонија и Албанија како следен чекор на проширувањето на ЕУ кон регионот.
Претседателот на Владата Ковачевски на средбата истакна дека Република Северна Македонија, како земја кандидат за членка на ЕУ е веќе сериозно интегрирана со главните политики на Брисел, особено во Зелената агенда која што беше еден од приоритетите на Берлинскиот процес и тоа токму за време на копретседавањето со процесот од страна на Република Бугарија и Република Северна Македонија кога регионалната соработка го постигна највисокото ниво како еден од најважните приоритети на овој процес спонзориран од Берлин.
На средбата беше потцртана економската соработка со СР Германија, со која како земја од која доаѓаат најголемите инвестиции, во иднина посебно внимание ќе биде посветено на проекти од обновливи извори на енергија.
Во разговорот со министерката за Европа Лирман, премиерот Ковачевски потенцираше дека новоизбраната Влада на Северна Македонија е посветена да продолжи да чекори по реформскиот пат за членство во ЕУ и решително да презема активности во клучните области како што се владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Ковачевски истакна дека на утрешната посета на премиерот на Република Бугарија Кирил Петков гледа како на исчекор за изнаоѓање заемно прифатливо решение со Софија во духот на добрососедските односи за да се деблокира постапката за утврдување датум за одржување на Меѓувладината конференција со ЕУ како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски и министерката Лирман се согласија дека целосната интеграција на Западен Балкан е во политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција за стабилна и просперитетна Европа, се вели во соопштението од Владата.