Името Џорџ Александар Луис поврзано со корените на британското кралско семејство

Од:

Името Џорџ Александар Луис, кое го доби новороденото бебе на војводата и војводката од Кембриџ, Вилијам и Кетрин „Кејт“ Мидлтон, е длабоко поврзано со предците и корените на британското кралско семејство, објаснуваат експерти по кралската историја во Велика Британија.


Шестмина британски кралеви, досега, го носеле името Џорџ, уште од 1714 година и Џорџ Први, инаку роден Германец кој не го знаел ниту англискиот јазик и кој е основач на Хановерската династија. Ова име е и четвртото во редот на официјалното име што го носи престолонаследникот Чарлс, таткото на Вилијам и дедо на новороденото кралско бебе.


Краткото име на третиот во линијата на претенденти на престолот во Обединетото Кралство, што ќе го носи се додека формално не биде прогласен за престолонаследник, ќе биде неговото кралско височество, принцот Џорџ од Кембриџ, па се верува дека решението на младите родители да се определат за ова име, предизвикува големо задоволство кај кралицата Елизабета.


Нејзниот татко беше Џорџ Шести, кој на тронот дојде во средината на триесетите години на 20 век, откако неговиот постар брат абдицираше за да може да се ожени со својата голема љубов, Американката Волис Симпсон.


Дедото на сегашната кралица Елизабета, го носеше името Џорџ Пети и тој беше на престолот за време на Првата светска војна, како последниот монарх на Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска.


Второто име на кралското новороденче Луис, се верува дека е во чест на лорд Луис Маунтбатен, кој е вујко на сопругот на британската кралица, војводата од Единбург, принцот Филип. Маунтбатен беше последниот вицекрал на Индија, кој во 1979 година беше убиен од ИРА, од подметната бомба во неговата мала јахта. Целото име на таткото на бебето е Вилијам Артур Филип Луис.


За третото име на штотуку родениот принц, Александар се смета дека води потекло од историјата на британското кралско семејство, затоа што дедо на сопругот на кралицата Елизабета, е Лудвиг Александар фон Батенберг. Освен тоа, тројца шкотски кралеви во средниот век го носеле името Александар, па се верува дека при определувањето на името на идниот британски крал се водело сметка тоа да биде прифатливо и познато и на северот од Велика Британија.


Името Џорџ е само по себе популарно и кај „обичните луѓе“, затоа што според податоците на британското Биро за статистика, тоа е меѓу 12-те најпопуларни во 2011 година.


Британските медиуми веќе сега го поздрвуваат бебето како идниот крал Џорџ, иако е познато дека во историјата, многу англиски и британски кралеви го менувале своето крстено име кога биле крунисани.


Кралицата Елизабета вчера попладеното го посетила бебето и неговите родители во Кенсингтонската палата, што е прв случај по 1894 година, кога последен пат еден британски суверен се сретнал со својот штотуку роден правнук, кој е директен наследник на тронот.

Би можело да ве интересира

Борис Џонсон во своите мемоари тврди дека кралицата Елизабета имала рак на коските

Три жени ранети во престрелка во Англија

Англија ја совлада Ирска

Мал авион се урна во индустриска зона во Честерфилд

Моторна едрилица се урна на сред пат: Пилотот и патникот преживеаја

(ВИДЕО) Ескалира насилството во Британија: Ќе залажите за ова екстремно десничарко насилство