Американското обвинување за легитимна употреба на правото на самоодбрана е провокација, се наведува во денешното соопштение на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја.
Во соопштението се предупредува на неодредена „посилна и поголема реакција“ доколку САД заземат конфронтирачки став, пренесува Ројтерс.
Исто така, од Северна Кореја пристигнуваат вести дека таа земја денеска повторно испукала неидентификуван проектил во правец на исток, што го соопшти јужнокорејската армија, а пренесуваат агенциите.
Јапонската крајбрежна стража наведува дека испуканиот проектил би можел да биде балистичка ракета, пренесува Ројтерс.
Ова е трето лансирање што Северна Кореја го изврши оваа година. Претходно беа истрелани проектили на 5 и 11 јануари, а Пјонгјанг објави дека е успешно тестирана хиперсонична ракета.
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден вчера ги воведе првите санкции поради севернокорејската програма за оружје и по серијата лансирања на ракети, вклучително и двете од минатата недела.