Николаев: Вклучувањето во Јужен тек голем благодет за индустријата

Од:

Потпишувањето на Договорот за Јужен тек ќе има позитивно влијание врз индустријата во земјава. Николајчо Николаов, заменик генерален директор на „Бучим“ смета дека тоа е голем благодет за Македонија бидејќи значи сериозна гасификација во Македонија и намалување на трошоците на индустриските капацитети.

– Иако гасификацијата во Македонија е почната многу одамна, реално благодетот од примената на гасот кој се смета за поевтино гориво од другите што се користат во Македонија се уште не е почувствувана. Една од причините е што имавме многу мали потрошувачи и многу скап гас, изјави Николаев.

Тој додаде дека покрај економска страна ова ќе значи и заштита на животната средина бидејќи гасот има многу помало штетно влијае врз животната средина.

Потенцира дека вкупните благодети треба да бидат големи и дека на ова прашање треба да се работи сериозно и на тој начин индустријата да се растерети со еден значителен трошок.  Смета дека треба да се подготват и другите параметри како внатрешната мрежа и поврзувањето со потрошувачите.

Според него, во моментов состојбата во рударскиот сектор е добра. Во металичните суровини и покрај тоа што цените на обоените метали бележат одреден пад тие се задоволни бидејќи се уште се наоѓаат во границата на дозволеното од едната страна, а од другата страна производството е на ниво на планираното или нешто над тоа.

– Вкупното работење во рударскиот сектор е добро и очекуваме дека до крајот на годината вака ќе завршиме и покрај тоа што во Европа се смета за кризна година, истакна Николаев.

Договорот со Руската Федерација за Јужен тек беше потпиан вчера во Москва. Македонија се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи „Газпром“.

Според Владата, со тоа ќе се обезбеди енергетска стабилност на долг рок, доволни количини гас и понатамошен развој на гасната инфраструктура во Македонија.

Премиерот Никола Груевски вчера по потпишување на договорот истакна дека сега се создаваат предуслови за понтамошни чекори во правец на изградба на цевковод и разгранување низ другите градови.

Најави дека се очекува до октомври да се потпише и договорот со „Стројтранс гас“ што ќе значи дека ќе може да почне градбата на внатрешната инфраструктура за пренос на гас до другите градови во земјава.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој од името на Владата го потпиша Договорот за Јужен тек, потенцира дека во иднина сите македонски домаќинства, но и индустриските капацитети ќе дојдат до природен енергенс, што е значајно за економскиот развој, за привлекување странски инвестиции, но и за домашните инвеститори на кои ќе им овозможи поголема конкурентност, а со тоа и нови инвестиции и работни места.

Гасоводот веќе почна да се гради и се предвидува до до 2015 година да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година целосно да биде завршен. Капацитетот на гасоводот е 63  милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа. Македонија  во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“.

Би можело да ве интересира

Антиќ-Сијарто: Подготвени сме за Јужен тек, но не зависи се од нас

Наум Локоски

Гасовод од Грција преку Македонија и Србија алтернатива за „Јужен тек“

Ана Ололовска

Србија и Бугарија да му ги вратат на „Газпром“ парите вложени во Јужен поток

Емир Латифовиќ

Јужен тек – засега најскапата жртва на заострените односи на ЕУ и Русија

Ана Ололовска

За гасот има алтернативи, но треба посериозно да се работи на нив

Емир Латифовиќ

Србија потроши 30 милиони евра во пропаднатиот проект Јужен поток

Емир Латифовиќ