Познатиот британски експерт за опојни дроги, професор Дејвид Нат по спроведенто истражување утврдил дека алкохолот е поштетен од хероинот, екстазито и крек кокаинот.
Нат и неговиот тим спровеле истражување во чии рамки ја следеле зависноста од штетни супстанци, вклучувајќи алкохол, хероин, крек кокаин, метамфетамин, канабис, екстази и ЛСД. Научниците го земале предвид влијанието на сите овие дроги врз телото, на трошоците на здравствениот систем и затворите.
Анализата покажала дека хероинот, крек кокаинот и метамфетаминот се најштетни за поединците, додека алкохолот, хероинот и крек кокаинот се најопасни кога е во прашање влијанието на општеството во целост.
Научниците за потребите на истражувањето развиле сложен систем на бодување, во кој алкохолот се покажал како најштетен бидејќи собрал 72 од 100 бодови, а по него следеле хероинот со 55 бодови и крек кокаинот со 54 бодови. Цигарите добиле 26 бодови, а канабисот 20.
Професорот Нат бил советник за опојни дроги во поранешната британска влада, но од оваа функција е сменет поради своите контроверзни ставови за дрогата и алкохолот.