Актуелниот претседавач со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ изјави дека доколку странците не го спречат српскиот член на тоа трипартитно тело, Милорад Додик, кого го нарекува „разбојник“, нема да има друг избор освен да го спречат сами.
Комшиќ тоа го кажа во интервју за Радио Сараево и додаде дека, БиХ „никогаш всушност не била оставена на мир од оние кои го загрозуваат опстанокот на државата“.
„Не треба да се споменува за кого се работи, ќе се пронајдат. Но, и покрај сите напади на Босна и Херцеговина, таа преживеа и ќе опстане“, изјави Комшиќ, додавајќи дека не се сомнева дека, како што вели, „ќе направиме се во таа смисла“.
„Веќе ни се случи сето најлошо што можеше да и се случи на една земја и нејзините граѓани, од агресија, геноцид и злосторства што историјата на човештвото не ги памети. Државните непријатели го убија стравот во нас и на тоа треба да размислуваме ако повторно насилно ги нападнат нашата држава и граѓаните“, рече Комшиќ.
Тој изјави дека стравот не парализира, освен неколкумина кои својата лична удобност сакаат да ја претстават како рамнодушност на народот кон судбината на државата.
„Странците, без разлика дали се наши пријатели или непријатели, мора да го знаат тоа. Со разбојник нема да преговараме за постоење институции чие формирање е извршено согласно Уставот и законот во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина. Сум кажал еднаш и ќе кажам уште еднаш. Подобро е странците да го запрат Додик отколку ние да го спречиме“.
„Ако не го спречат тие, нема да имаме друг избор освен самите да го спречиме. Тој го ризикуваше мирот во регионот и Европа. Нема да се коцкаме со нашата земја“.