Затворот „Идризово“ предлага затворската казна на бизнисменот Сеад Кочан да се намали за шест месеци, а министерот за правда, Бојан Маричиќ и натаму го разгледува предлогот, пред да го испрати на одлучување кај претседателот Стево Пендаровски. Доколку ова биде испратено до претседателот Стево Пендаровски и Комисијата за помилување донесе одлука, Кочан ќе излезе од затвор во октомври следната година. Бизнисменот е само еден од лицата кои се на списокот за групни помилувања, кои се прават секоја година по повод Нова година.
„Списокот со лица кои ги исполнуваат условите за делумно скратување на казната доаѓа на предлог на установата во која осудениот ја издржува казната. Затворските установи ширум државата предлагаат список на лица кои ги исполнуваат критериумите за каков било вид на помилување. Во случајов затворот Идризово, меѓу другото, предлага и намалување на затворската казна за Сеад Кочан за шест месеци, што во ниту еден случај не значи целосно ослободување од казна“, велат од Министерството за правда.
Списокот со затвореници од „Идризово“ е во фаза на разгледување.
„Конечниот список на лицата за кои се предлага да бидат помилувани или да им се намалат казните се уште не е официјално испратен во Кабинетот на претседателот на државата. Конечната одлука за помилување согласно закон ја носи лично претседателот на државата“, додаваат од Министерството.