Изминативе две недели во заедничка контрола полицијата и Државниот пазарен инспекторат откриле 11 лажни вакцинални сертификати. Лицата со лажни сертификати се фатени во угостителски објекти или на гранични премини. Деветмина од нив се македонски државјани, а двајца биле државјани на Албанија. Македонците биле приведени во станица на распит и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави. На Албанците не им бил дозволен влез во Македонија, а за лажните сертификати била известена албанската полиција.
„Припадниците на МВР, како асистенција на надлежните инспекциски служби, учествуваат во засилените контроли од страна на инспекторите. Во периодот од 3.12.2021 навака инспектори од Државниот пазарен инспекторат со асистенција на МВР при извршени контроли на подрачјето на Тетово затекнале едно лице со лажен сертификат. На подрачјето на СВР Скопје под сомнение за поседување фалсификувани сертификати за вакцинација лишени се од слобода три лица. На подрачјето на СВР Битола затекнати се три лица со лажен сертификат. На граничниот премин Долно Блаце, Регионален центар за гранични работи Север – откриени се 2 фалсификувани сертификати за вакцинација, поседувани од двајца македонски државјани, а на граничните премини кои ги опфаќа подрачјето на Регионалниот центар за гранични работи Запад – откриени се двајца албански државјани кои не ги исполнувале условите за влез во Република Северна Македонија и им е одбиен влез, но кај истите се пронајдени 2 фалсификувани сертификати за вакцинација и се предадени на албанските полициски службеници за понатамошна постапка“, велат од МВР.
Лажните сертификати ги утврдува полицијата со легитимирање на лицата и споредба на податоците од сертификатите со податоците од Министерството за здравство за вакцинирани лица, но ниту полицијата ниту инспекторите од Државниот пазарен инспекторат немаат читачи за бар-кодовите на сертификатите за вакцинација.
„Полиција утврдува дали лицата покажуваат фалсификат сертификати. Ние не сме задолжиле читачи на бар-кодовите од сертификатите. Легитимирањето и проверката на сертификатите е делот од контролите што го работи полицијата“, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска-Димоска.
И од МВР велат дека проверките ги прават без читачи на бар-кодовите на вакциналните сертификати оти и тие немаат. Од таму потсетуваат дека и некои од редарските служби во угостителските објекти имаат овластување да ги легитимираат гостите и да не дозволат влез на оние кои покажуваат сертификати што нема да се совпаднат со личните податоци.
„Ангажираните редари вработени во лиценцираните агенции за обезбедување имаат овластување за легитимирање, а доколку вработените се посомневаат во можна злоупотреба на сертификатот можат да повикаат инспектори, кои во содејство со полициски службеници ќе извршат контрола на лице место. МВР апелира да се почитуваат мерките донесени од Владата, бидејќи при непочитување ќе следуваат соодветни поднесоци – доколку се утврди при контрола дека лицето приложува туѓ сертификат, против него ќе следува поднесок за сторено кривично дело“, велат од МВР.
Покажувањето фалсификуван сертификат е кривично дело со казна затвор до три години. МВР апелира, секој граѓанин кој има сознание за постоење на фалсификувани сертификати да пријави во најблиската полициска станица или на 192.
МВР досега нема откриено лица кои прават или продаваат фалсификат вакцинални сертификати, но велат дека работат на утврдување од каде потекнуваат лажните сертификати кои се веќе откриени.