Патологот Роберт Фукро од округот Сан Матео потврди дека кинеската ученичка, шеснаесет годишната Је Менг Јуан, го преживеала падот на авионот, а потоа починала откако била прегазена од противпожарно возило.
Резултатите од аутопсија потврдиле дека причина за смртта биле повреди со тап предмет, кои одговараат на повреди здобиени од моторно возило.
Станува збор за едно од т.н. противпожарни возила за спасување на авиони, кое ја прегазило девојката додека била во лежечка положба, а постои можност и дури две возила да поминале преку нејзиното тело.
Шефицата на противпожарната служба на Сан Франциско, Џоан Хејс Вајт изјави дека овие резултати се поразувачки за нејзината служба, но дека не го намалуваат значењето на напорите кои што пожарникарите секојдневно ги прават, изложувајќи ги своите животи на опасност за да спасат други.
Починатата девојка беше една од 34-те кинески средношколки кои се упатија да го посетат Универзитетот Стенфорд, од каде што требаше да заминат во христијански летен камп во јужна Калифорнија.
Во авионската несреќа загинаа нејзината другарка Ванг Линѓија (16) и Лиу Јипенг (15).
Eлена Георгиевска