Со промотивниот настан „Шарска белина – Шарска убавина“ денеска на Попова Шапка се означи почеток на зимската скијачката сезона во новиот Национален парк Шар Планина, а беше промовиран планот за управување со националниот парк. Претставниците на надлежните институции имаа пригодни обраќања, а се одржаа и културно-забавни активности.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека националниот парк и ски-ресорт во иднина ќе бидат места каде ќе се практикуваат решенија базирани на природата како начин за заштита на автентична природа.
-На крајот на годината свечено го одбележуваме успешното прогласување на нашиот национален парк Шар Планина. Истовремено, за прв пат ја отвораме скијачката сезона на Попова Шапка како ски-ресорт во негови рамки. Денеска практично презентираме и промовираме како е возможно зачувување на нашите природни вредности и одржлив екононски развој. Морам да истакнам дека чувствувам гордост да бидам прв министер за животна средина кој во овие триесет години независност имам чест да се обратам на свечено одбележување на прогласување на нов национален парк-четвртиот ваков парк во земјата. Овој историски успех е резултат на долгогодишни напори на многу чинители за баланс на потребите на човекот и природата и опстанокот на ретки и ендемични видови. Исто така и одраз на позиционирањето на заштитата на животната средина високо на политичката агенда, користење на природниот потенцијал за одржлив развој на целиот регион е мојата визија за тоа како треба да изгледа социо-економскиот развој, изјави Насер Нуредини.
Директорот на Елем Турс, Адем Авзиу потсети на спроведени мерки и активности за почнување на ски-сезоната и подобри услови за престој на Попова Шапка.
-Поминавме неколку месеци упорна работа за да создадеме миниманлни услови, подобри услови за скијачите на овој ски центар. Работевме со големи напори, што е можно повеќе да создаваме услови за сите граѓани за сите туристи не само во нашата држава туку и околината. Ски центарот Попова Шапка денес е лидер за скијање во нашата држава и во региониот. Ние ќе продолжиме со нашите напори и инвестиции нема да останеме тука се со цел да ги подобриме условите во овој ски ресорт, рече Адем Авзиу.
Анела Стојанова Панајотова, претставничка на тимот што работеше на менаџмент планот за управување со националниот парк Шар Планина посочи дека со прогласување на национален парк, работата не застанува.
-Напротив се отвораат проблемите, се отвораат сите оние теми кои народски кажано биле пикнати под чергиче. Има многу работа пред нас, а делот за одговорностите на управата на националниот парк е да ги отвори сите овие проблеми за да се погрижи дека се почитуваат законите на природата, а потоа и законите на државата. Од друга страна има планина која има потенцијал за одржлив туризам на целата територија на национален парк, како што се планински велосипедизам, туризам со коњи и многу други алтернативни видови на туризам, истакна Анела Стојанова Панајотова.
Денеска и утре ски-лифтовите и жичниците се бесплатно достапни за скијачи и граѓаните.