Европската комисија најави дека ќе одвои дополнителни 30 милиони евра за натамошно јакнење на ЕУ поддршката за народот и демократијата во Белорусија.
Средствата ќе ја надополнат и прошират постоечката поддршка на ЕУ во Белорусија со цел зајакнување на отпорноста и капацитетот на белорускиот народ да промовира демократски промени во земјата.
– ЕУ е со народот на Белорусија во нивната борба за слобода и демократија. Ќе ја зајакнеме нашата поддршка со нови 30 милиони евра за младите луѓе, независните медиуми, малите и средни претпријатија во егзил и културните актери – кои режимот на Лукашенко продолжува да ги репресира, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Брисел додава дека економскиот и инвестициски пакет од три милијарди евра е „подготвен за демократска Белорусија“, и дека „стремежот кон слободата на белорускиот народ претставува инспирација за сите“.