Институтот за култура и уметност „Арс Акта“ денеска го најави најновиот проект насловен „Артекологија“. Станува збор за онлајн проект, што се занимава со две предоминантни линии, а тоа е достапноста на мас-медиумите и екологијата.
На него со свои уметнички интервенции – кратки видеа учествуваат девет уметници – Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Гоце Наневски, Славица Јанешлиева, Кристина Пулејкова, Денис Јагџи, Марија Сотировска, Борис Шемов и Игор Сековски, а куратор на проектот е Ана Франговска.
-Уметност достапна до секого е пристап кон промоција на уметноста со кој таа се деинституционализира, излегува од својата комфорна зона и елитизмот, и се обнародува, т. е. станува достапна до пошироката публика, како дел од општествено-социјалната иконосфера, соопштија од тимот на „Арс Акта“.
Оттаму посочуваат дека и порано имале успешни реализации и проекти во доменот на уметноста во јавен простор, со двете изданија на „Уметност на билборд 1 и 2“ , како и со последната изложба „Траумакултура“, која се реализира во фабриката „Ариљеметал“.
-Но, бидејќи нашите интереси во евидентирање на можностите на времето, технологијата и преокупациите на публиката се продлабочуваат, решивме да се обидеме да го „нападнеме“ и виртуелниот простор, користејќи интернет, веб-платформи, социјални мрежи и портали. Во секојдневното социјално-општествено егзистирање, некако природно е да се помисли дека токму овој простор е соодветен за нов уметнички проект и за „контаминација“ со уметност и на обичната публика, која несвесно ќе биде „заведена“ да „консумира“ уметнички дела, да отвори едно авторско решение и потоа, евентуално, да биде „намамена“ да прочита нешто за авторот или, пак, за контекстот на проектот, а веројатно и да види наредно дело, појаснуваат во соопштение.
Проектот, како што велат, е осмислен да понуди уметност на различни нивоа, но оној момент на заведување или намамување е уметноста која се појавува како „реклама“ при разновидно разлистување на страници, платформи, социјални мрежи, јутјуб-канали. Целта е да го „нападнат“ обичниот набљудувач со уметност, наместо со вообичаени комерцијални видеа или политички ветувања; да го натераат да погледне нешто што ќе го измести од вообичаената секојдневна зона и вкус нурнувајќи во една поинаква естетика, пософистицирана, повисока. Да го принудат да се запраша што гледа, што е тоа што се „рекламира“, постепено сфаќајќи дека гледа нешто што нема комерцијална заднина, ниту, пак, промовира некој познат бренд. На овој начин, според организаторите, уметноста ќе влезе во сечиј дом.
-Уметност на екологија, или „Artecology“, е насловот на проектот и е во согласност со еколошките и политички прашања што ги преокупираат светските политики, а секако, сѐ почесто и уметниците, кои чувствуваат потреба и одговорност да се приклучат кон сеопштата битка за спас на планетата Земја. Оваа потреба уште повеќе се нагласи со пандемијата со корона-вирусот, време во кое речиси сите се запрашавме за природата, земјата, космосот и колку со својата негрижа постепено но сигурно ја уништуваме нашата нормална еколошка средина, додаваат во соопштението.
Уметниците во овој проект говорат за природата, екологијата, уништувањето, вирусите, дезориентираноста, екологијата/или ерозијата на духот и сите останати нуспојави, „демоните“ на секојдневието кои доведуваат до промена на нормалноста во која живееме.