Инфлацијата во САД, мерена преку растот на потрошувачките цени, во ноември се зголеми за 6,8 отсто на годишно ниво, што е највисоко во изминатите 39 години, објави денеска американското Министерство за труд.
На месечна основа, потрошувачките цени се зголемија за 0,8 отсто во ноември, што е значително зголемување, иако нешто побавно од октомври, кога месечната стапка на раст на инфлацијата изнесуваше околу 0,9 отсто.
Скокот на цените од 6,8 отсто во 12-месечниот период, од ноември лани до ноември годинава, е најголем од јуни 1982 година, кога инфлацијата на годишна основа достигна 7,1 отсто.
Базичната инфлација, од која се исклучени нестабилните цени на храната и енергијата, се зголеми за 0,5 отсто месечно во ноември, што е раст од 4,9 отсто на годишно ниво, и е највисоко од 1991 година. За растот на инфлацијата најмногу придонесоа и минатиот месец цените на енергенсите, особено цените на бензинските пумпи кои пораснаа за вртоглави 58,1 отсто во однос на лани.
Цените на становите, храната, новите и користени автомобили, авионските билети, облеката и мебелот, исто така, придонеле во голема мера за порастот во ноемвриската инфлација, јавија американски медиуми.