Претседателката на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон му честитаа на новиот германски канцелар Олаф Шолц, откако германскиот парламент денеска го изгласа за таа позиција.
Фон дер Лајен рече дека со нетрпение очекува да соработува со него за „силна Европа“.
„Честитки, драг Олаф Шолц, за изборот и назначувањето за федерален канцелар. Ви посакувам добар почеток и со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата соработка со доверба за една силна Европа“, напиша Фон дер Лајен на Твитер. Фон дер Лајен е од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
Францускиот претседател Емануел Макрон го поздрави изборот на Олаф Шолц за нов германски канцелар, ветувајќи на Твитер дека заедно ќе напишат продолжение за „Французите, Германците и Европејците“.
Два и пол месеци по изборите во Германија, денеска во Бундестагот на чело на германската влада беше избран социјалдемократот Шолц, со што дефинитивно заврши 16-годишната ера на Ангела Меркел.
Во посебна порака на Твитер, Макрон и се заблагодари на канцеларката што „никогаш не ги заборави лекциите од историјата“ и што направи толку многу за Французите, со Французите и за напредокот на Европа.