Георгиевски: Одлуката за „замрзнување“ на цените на прехранбени производи може да ја продлабочи кризата

Од:

Парцијалните решенија кои се носат без соодветна анализа и не се во корелација со други мерки, како што е Одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало, уште повеќе ќе ја нарушат тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници, истакнаа денеска на прес-конференција од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Здравствено-економската криза која трае веќе две години, како што велат, предизвика сериозно засегање на стопанството, а претпријатијата ги доведе во ситуација на тешко одржување на финансиска стабилност и на деловна активност. Надминување на состојбите е единствено можно со адекватни, добро испланирани и таргерирани мерки, кои ќе се дефинираат во блиска комуникација со реалниот сектор.

Според Горан Георгиевски, потпретседател на Агро-бизнис комората, за да има позитивен ефект одлуката за ограничување на цените на одредени производи потребно е да биде донесена во корелација со други мерки.

-Прво потребно е влезните инпути во сите компании да се стабилизираат, односно суровините и репроматеријалите конкретно во прехранбената индустрија да се овозмозможи да имаат соодветна минимална цена, појасни Георгиевски.

Додаде дека е потребно стабилизирање на енергенсите во рамка во која државата би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, од кои значително зависи висината на цената на производите.

-Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така, можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите,нагласи Георгиевски истакнувајќи дека наместо за замрзнување на цените треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.

Претседателот на Агро-бизнис комора, Огнен Оровчанец пак, смета дека за долгорочно стабилизирање на пазарот на храна, треба да се имплементираат и долгорочни мерки, како што е формирање на една надлежна државна институција. Сега надлежностите се поделени меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како примарно, Министерството за економија во однос на економските мерки и политики и Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство како надлежни за безбедноста. Но, како што вели Оровчанец, секојдневната пракса покажува дека овие институции функционираат без меѓусебна поврзаност и координација, а при тоа никој не сноси одговорност за пропустите кои секојдневно се случуваат и од кои претпријатијата трпат штета.

-Одговорноста едноставно се префрла од еден на друг, без при тоа да се најде решение за проблемите кои постојат. Затоа сметаме дека е неопходно да постои едно министерство за храна, кое ќе биде целосно надлежно за сите прашања поврзани со оваа проблематика. Така ќе имаме системски и инклузивен пристап во регулирање на оваа значајна област, кој на граѓаните ќе им гарантира пристап до квалитетни прехранбени производи по реални цени. Ова барање Сојузот и Агро-бизнис комората досега неколку пати го има јавно истакнато, но веруваме дека состојбата во која се најдовме поради кризата уште еднаш ја апострофира неговата важност, рече Оровчанец.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Владата нема решение – ние ќе предложиме вистински мерки за намалување на цените на производите

Горан Наумовски

Ристески: Законот за нефер трговски практики ќе ги намали цените на производите барем за 10 отсто

СДСМ: Цената на лебот се намали за еден денар, целосно неефикасни мерки на Владата

СДСМ: Ние намаливме цени на 500 производи, Мицкоски замрзна маржа на 73, дебакл на Владата

Горан Наумовски

Дурмиши: Цените не се замрзнуваат, маржата се ограничува до 10 отсто

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста