Жители на Ново Маало ја повикаа иницијативата „Зелен Хуман Град“ да престанат да вршат притисок на институциите како што е ОЈО, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција за да запрат градежните активности на комплексот „Гранд“ на парцелата спроти „Холидеј Ин“.
– Во врска со најавениот протест на „Зелен Хуман Град“ за денес пред Јавното обвинителство со кој бараат запирање на градежните активности на комплексот „Гранд“ на парцелата спроти „Холидеј Ин“, јавно ја повикуваме оваа иницијатива, во недостаток на било каков издржан аргумент и правен основ, да престанат да вршат притисок на институциите како што е ОЈО, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција, соопштуваат жители на Ново Маало.
– Сè ова го прават со цел политички да профитираат на грбот на граѓаните, а особено на маката на нас, жителите на Ново Маало, и повторуваме дека нема да дозволиме да потпаднеме под нечии замки.
Потсетуваме уште еднаш дека 3-годишниот мораториум во 2017 потпишан од тогашната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева беше прогласен за неважечки од Уставниот суд во декември 2020 година, а воедно и дека Министерството за транспорт и врски веќе еднаш се изјасни за инцијативата за суспензија на ДУП-от како неоснована.
„Зелен Хуман Град“ и останатите лажни борци за екологија немаат апсолутно никакво право да одлучуваат во име на нашите имоти, ниту постои правен основ врз кој би можело да дојде до спречување на проектот.
Во повикот за протест на „Зелен Хуман Град“ наведуваат дека бараат распишување на меѓународен конкурс со кој ќе се гарантира зелено и хумано решение, меѓутоа ние, жителите на Ново Маало уште еднаш порачуваме дека веќе проектираното решение од страна на инвеститорот гарантира урбано и зелено домување за сите новомаалчани, но и фер обесштетување на сите нас кои со години живееме во тотално нехумани услови за живот, се вели во соопштението на жители на Ново Маало.