Властите на Панама објавија дека заплениле рекордни 10 милиони долари во готовина, кои криминалната група поврзана со колумбискиот картел Клан дел Голфо ги стекнала преку трговија со дрога.
„Таа голема сума пари и припаѓа на расформирана криминална организација која соработува со криминалната група позната како Клан дел Голфо“, соопшти Обвинителството на Панама.
Главниот обвинител Хавиер Карабало изјави дека „ова е најголемата заплена на пари добиени од трговија со дрога во историјата на земјата“.
Парите се пронајдени во торби во три скривалишта во куќа во градот Нуева Провиденсија, во северната провинција Колон, за време на полициска акција која довела до апсење на 57 лица.
Во акцијата, во која учествувала и Американската агенција за борба против дрога (ДЕА), биле запленети и десет парчиња оружје и 38 луксузни возила.
На властите им биле потребни повеќе од 12 часа да ги соберат парите и да ги пребројат со помош на машини за броење, од кои некои се расипале поради обемот на задачата.
„Меѓу уапсените има и девет службеници, од кои петмина полицајци осомничени дека примиле, следеле и сокриле големи количества дрога со потекло од Колумбија“, соопшти Обвинителството.
Дрогата потоа била испратена во САД, по наредба на нарко групата Клан дел Голфо, кој контролира речиси една третина од производството на кокаин во Колумбија.