Сообраќајната полиција во Непал објави војна против високодецибелната бучава која возачите ја создаваат со непрекинатото свирење. Полицијата на оваа мала азиска земја, каде возачите свират речиси како што и дишат – без престанување, покрена на почетокот на месецов кампања, чија цел е да го намали звучното загадување на улиците, наплатувајќи казни кои можат да бидат и до 53 долари.
Во настојувањето да ја намалат неподносливата бучева, но и сообраќајот да го направат што побезбеден, органите на редот во изминатите недели конфискувале повеќе од 1.000 автомобилски сирени.
– Возачите кои секогаш свират често предизвикуваат несреќи затоа што пешачите, заглушени од бучевата, стануваат дезориентирани и помалку внимателни – изјави потпаролот на непалската полиција. Некои возачи отидоа толку далеку што оригиналната свирка во автомобилите ја замениле со уште погласна, дигитална сирена, наведе тој. Трубењето е честа пракса и во соседна Индија, каде возачите константно свират додека се пробиваат низ густиот хаотичен сообраќај.