Куба повторно се отвора за туристи по успешната масовна вакцинација со сопствени вакцини

Од:

Куба повторно е отворена за туристи, откако со својата домашно развиена и произведена вакцина успеа да го запре ширењето на коронавирусот.

По тешки дванаесет месеци, кога пребрзото отворање на земјата ја интензивираше пандемијата, смртните случаи го достигнаа врвот и државата повторно воведе „затворање“ успешната програма за вакцинација ја забави пандемијата во земјата. Куба сега е една од ретките земји со пониски приходи каде не само што е вакцинирано мнозинство од населението, туку и единствената што го направи тоа со вакцина што ја развила сама.

Кога почна пандемијата Ковид-19, Куба одлучи да не чека остатокот од светот да развие вакцини. Тамошните власти знаеја дека 60-годишното економско ембарго на САД против земјата ќе спречи производи произведени од САД да се извезуваат таму, што би значело отежнато снабдување со вакцини и лекарства, наведува „Нејчр“. – Најдобро беше, за заштита на нашето население, да бидеме независни, вели Висенте Верез Бенкомо, генерален директор на Институтот за вакцини Финлеј во Хавана.

Така, Институтот Финлеј и другите државни биотехнолошки центри на Куба започнаа да развиваат свои вакцини против Ковид-19 со надеж дека барем една од нив ќе биде ефекасна. Според резултатите добиени на 6 ноември, Верез Бенкомо и неговите колеги информираа дека една од вакцините на институтот, Soberana 02, е повеќе од 90 отсто ефикасна во заштитата од симптоматски Ковид-19 кога се користи во комбинација со сродна вакцина. Посебно се истакнува дека комбинацијата се чини дека е ефикасна против високо преносливата Делта варијанта на коронавирусот САРС-КоВ-2, која предизвика пораст на хоспитализации и смртни случаи ширум светот и сега е одговорна за речиси сите случаи на Ковид-19 во Куба.

Според податоците објавени на 18 ноември, 89 отсто од населението на Куба – вклучително и деца на возраст од 2 години – примиле најмалку една доза Soberana 02 или другата кубанска вакцина, наречена Abdala, која се произведува во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија (CIGB) во Хавана. . Центарот во јули објави дека Абдала, вакцина со три дози, била повеќе од 92 отсто ефикасна во испитувањата во фаза III кои опфатиле повеќе од 48.000 учесници, но целосните резултати сè уште не се објавени.

Регулаторната агенција на Куба ги одобри вакцините Abdala и Soberana 02 за употреба кај возрасни соо во јули, односно во август, а здравствените работници почнаа да ги имунизираат децата со двете вакцини неколку месеци подоцна. Земјата почна да ги извезува двете домашни вакцини во Венецуела, Виетнам, Иран и Никарагва. Куба побара од Светската здравствена организација да ги одобри нејзините вакцини – што е важен чекор за да се овозможи да бидат достапни во светот во развој.

Во развојот на Soberana 02, групата на Верез Бенкомо ја искористи својата постоечка технологија за „конјугирана“ вакцина. Конјугираните вакцини на Финлеј земаат протеин или шеќер од бактерија или вирус и хемиски го поврзуваат со безопасен фрагмент од протеин невротоксин од бактеријата тетанус. Комбинацијата предизвикува посилен имунолошки одговор од која било компонента сама по себе. Во светот се користат конјугирани вакцини против менингитис и тифус, а Куба со години ги имунизира децата со вакцина од овој тип.

Тимот на Верез Бенкомо ја адаптираше технологијата на конјугирана вакцина за да се справи со Ковид-19. Откако повеќе од 14.000 луѓе примија две дози од вакцината во третата фаза од студијата, ризикот од симптоматски Ковид-19 кај примателите беше намален за 71 отсто, во споредба со плацебо групата со иста големина – ефикасност слична на вакцините направени од Џонсон и Џонсон и АстраЗенека.

За да се подобри оваа заштита, тимот на Финлеј им даде трета доза на учесниците во истражувањето. Истражувачите претходно тестирале вакцина наречен Соберана Плус на луѓе веќе болни од Ковид-19 и откриле дека го подобрува нивниот имунолошки одговор. Така, тие им дадоа Soberana Plus, вакцина која се базира само на протеинот RBD на друг сет од 14.000 учесници кои веќе примиле две дози Soberana 02 – и откриле дека третата доза ја зголемила вкупната ефикасност на 92,4 отсто.

Верез Бенкомо вели дека Институтот Финлеј може да произведува 10 милиони дози Соберана 02 месечно. За понатамошно тестирање на вакцината, тој и неговите колеги соработуваа со Институтот Пастер во Техеран за да спроведат слично тестирање со 24.000 лица во Иран и очекуваат тие резултати да бидат наскоро објавени.

Вакцината Abdala на CIGB, исто така, прави голем напредок. Како и кај Soberana 02, технологијата зад вакцината е адаптирана од постоечка вакцина – онаа за хепатитис Б – што Куба ја разви и ја користи многу години. Истражувачите конструирале клетки од квасец за да произведат дел од RBD различен од оној што се користи во Soberana 02, а потоа го прочистиле протеинот за употреба во Abdala. Истражувачот на CIGB, Мерардо Пујол Ферер, вели дека 24 милиони дози биле администрирани на 8 милиони луѓе во Куба, што им дава на истражувачите голем сет на податоци со кои може да се следи безбедноста и ефикасноста. Тој вели дека тимот планира да ги објави своите податоци подоцна овој месец.

Би можело да ве интересира

Кубанската вакцина Соберана 2 е ефикасна 91,2 отсто

Катерина Ѓуровски

Куба бара доброволци за тестирање на втората вакцина против Ковид-19

Катерина Ѓуровски