Котески-Демпси: Продолжува стратешкото партнерство

Од:

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котески, синоќа во Вашингтон имаше средба на највисоко ниво со началникот на Здружениот Генералштаб на САД генералот Мајкл Демпси.

По средбата, Котески изјави дека разговарале за македонските напори за надминување на спорот за името со Грција, кое стои на патот кон членството на Македонија во НАТО и за активностите во Авганистан по 2014 година.

– Заклучивме дека нашата соработка, соработката меѓу Армијата на Република Македонија и Армијата на САД е на одлично ниво и ова стратегиско партнерство ќе продолжи и понатаму. Со генералот Демпси разговаравме за нашите напори кои ги правиме во однос на нашата заложба за решавање на спорот за името со Република Грција, изјави генерал Котески по средбата со генералот Демпси во седиштето на американската армија Пентагон.

Што се однесува до иднината на македонскиот мировен ангажман во Авганистан, генералот Котески изјави дека со генералот Демпси разговарале за промените кои ќе следат по планираниот американски крај на воените операции во оваа земја.

– Вие знаете дека во Авганистан остануваме со истиот состав, со единица која ја обезбедува главната команда на силите во Кабул, и овие сили остануваат до крајот на 2014 година. Потоа нашиот став е да продолжиме во мисијата, но во мисија која подразбира обука, тренирање и асистенција на авганистанските сили. Со тоа мислам дека ќе дадеме дополнителен придонес на безбедноста во Авганистан, изјави началникот на Генералштабот на АРМ.

За време на престојот во Вашингтон, Котески имаше заедничка и со заменикот помошник државен секретар Филип Рикер и со заменикот помошник секретар за одбрана за Евроазија Евелин Фаркас. Генерал Котески во Пентагон се сретна и со командантот на воздухопловната национална гарда на САД генералот Стенли Кларк, а во Институтот Мекејн имаше средба со поранешниот амбасадор на САД во НАТО Курт Волкер.

По средбите, тој изјави дека двете земји ја реафирмирале посветеноста на одржување на стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија. Генералот Котески подвлече дека американската воена поддршка на опременоста на армијата на Македонија останува непроменета, на постоечкото ниво од околу шест милиони долари годишно.

Котески рече дека за време на средбите во Вашингтон станало збор и за активностите на регионална соработка во рамките на Јадранската група, како и македонската иницијатива за формирање на регионална медицинска единица која ќе биде подготвена и за мировни операции.

За време на неговиот престој на САД, генералот Котески ја посети и сојузната држава Вермонт, чија национална гарда учествува во долгогодишен процес на партнерска соработка со АРМ.

Котески, кој во Пентагон беше придружуван од командантот на Националната гарда на Вермонт генералот Стивен Креј, истакна дека во досегашните заеднички обуки, во САД и во Македонија, учествувале импресивни 4.000 македонски војници, а круна на соработката е заедничкото распоредување на македонски војници и гардисти од Вермонт во Авганистан.

– Ова партнерство е старо 20 години и е едно од најстарите партнерства од тој вид. Апсолутно, 100 проценти ги цениме напоите на војниците од Македонија. Тие се многу професионални и соработката која ја имаме меѓу нашите две армии е многу силна. Тоа е врска што ќе ја имаме засекогаш, што нашите две армии ќе ја имаат засекогаш, изјави генералот Креј.

Би можело да ве интересира

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната

Специјална комисија ќе го проверува договорот за организирана исхрана на припадниците во Армијата и МО

Модуларната болница кај Инфективната клиника во Скопје ќе ја користат Затвор Идризово или Министерство за одбрана

Уставниот суд поведе постапка за Правило на АРМ со кое се забранува вршење на верски обреди