„ОЈО, Владата и општина Центар не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред Холидеј ин. Справувањето со урбаниот хаос не е само изборен слоган, ниту садење цвеќиња, туку е вистинска борба! Ги изневеривте граѓаните уште во првиот месец по изборите и очигледно немате намера за бескомпромисна заштита на нашиот простор за живеење – ниту пак, за пркос и санкционирање кон сите што ја загрозуваат и деградираат нашата општина“, реагираат од Шанса за Центар.
„Сметаме дека итно мора да се преземат следните чекори:
Го повикуваме OJO конечно да постапи по преставката од ДКСК во врска со нелегалното носење на ДУПот. ОЈО седум месеци не постапува по предметот – исто како што премолчено го одобрува и дивото градење кај „Беко“ на очиглед на полициската станица Центар. Јавното обвинителство треба да се бори против криминалот , а не да е негов нем поддржувач.
Градоначалникот на општина Центар мора да издаде привремена забрана за градење, се додека ОЈО не го расчисти случајот. Воедно тој може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои се уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно. Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака! Градоначалникот да се зафати серозионо со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од Холидеј ин, кои секако ќе се изградат ако не се реагира. Одговорноста за затнувањето на Градот ќе биде само негова! ШЦ во Советот на Општината ќе иницира запирање на реализацијата на незаконските урбанистички планови донесени во 2012, во време кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, и кога не се почитуваа основните начела за јавен интерес и хумано планирање.
Жално е што речиси десет години институциите дозволуваат Скопје да се менува до непрепознатливост, да се уништува јавното зеленило и да се продава државното земјиште за бетонски чудовишта кои изникнуваат од законските дупки, адимистративните лавиринти и немањето волја за одбрана на јавниот интерес од страна на системот! Централната и локалната власт се менуваат, но вистински промени во политиките за уредување на градот и заштита на јавиот интерес не постојат.
Министерството за транспорт и врски, поддржано од Правобранителот, евтино го продаде државното земјиштето на паркингот кај Холидеј ин, не размислувајќи ниту за законитоста на плановите, ниту за последиците во просторот, а најмалку од се размислуваше за видливите социјални неправди кои ќе ги истакне со сјајот и бедата во ист простор. Жителите на Ново Маало сега ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови и да ги продадат своите домови за било која понудена цена. Соседните жители на Градски ѕид кои реагираа за можните прелевања на проблемите од планот врз нивните животи, ќе останат изиграни и изманипулирани.
Шанса за Центар изразува огромен револт и критика кон соучесништвото на Јавното обвинителство,
Владата и градоначалникот на Општина Центар во уништувањето на достоинственото живеење на граѓаните на Oпштината. Сите заедно учествуваат во создавење на хаотичен, валкан и нехуман простор – општина и град без иднина каде здравјето на сите е парола зад која крие инвестиција за профитот на малкумина. Нас, на граѓаните на општина Центар ни останува да иницираме референдумско изјаснување за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот, запирање на градбата и носење нов план за вистински развој на оваа централна градска локација“, се вели во реакцијата на Шанса за Центар.