Демонстрантите, кои веќе 35 дена протестираат во Софија против владата на премиерот Пламен Орешарски, денеска блокираа дел од центарот на градот и повикаа на 24-часовна блокада на зградата на парламентот, а во текот на денешните демонстрации полицијата уапси 14 лица.
Демонстрантите, кои до сега ги блокираа улиците на Софија само во вечерните часови, утринава првпат преку ден блокираа дел од центарот на престолнината и предизвикаа хаос во време на пладневниот сообраќаен шпиц, барајќи распуштање на парламентот и свикување нови избори.
Полицијата денеска уапси 14 лица, од кои повеќето се одведени во полициска станица заради идентификација, а некои од уапсените биле агресивни, додека еден маж се обидел да се запали, но полицијата го спречила во намерата, соопшти Министерството за внатрашни работи, а пренесува БТА.
Полицијата околу зградата на парламентот постави железна ограда.
Во меѓувреме, група луѓе, кои му даваат цврста поддршка на кабинетот на Орешарски, денеска се собраа пред градското собрание во знак на протест заради секојдневните блокади на централните софиски улици.
Бугарија ја доби новата влада по предвремените избори што се одржаа на 12 мај, откако кабинетот на Бојко Борисов поднесе оставка во екот на протестот против острите мерки за штедење.
Поставувањето на контроверзниот медиумски магнат Дејан Пеевски на чело на националната безбедносна агенција ја разгневи јавноста и доведе до протести, што од 14 јуни секојдневно се организираат. Одлуката за именување на Пеевски веднаш беше поништена, но демонстрантите и натаму ја обвинуваат владата дека е корумпирана и бараат да поднесе оставка.
Фото: 24chasa.bg