Израелецот Омри Горен, вработен како чистач и чувар во куќата на израелскиот министер за одбрана Бени Ганц, е обвинет за шпионажа бидејќи наводно понудил да ја искористи својата позиција за испраќање информации до Иран, соопшти денеска израелската служба за безбедност Шин Бет.
Во соопштението на Шин Бет се наведува дека Горен иницирал контакт со неименуван „ирански ентитет“ преку социјалните мрежи, испраќајќи фотографии од различни објекти околу куќата и слики од компјутерот на министерот.
Горен размислувал и како да вметне вирус во компјутерот на Ганц, но бил уапсен пред да реализира каков било план. Тој немал пристап до тајниот материјал, ниту го испратил, се додава во соопштението.
За време на кампањата за изборите во 2019 година на Ганц, поранешен шеф на израелската армија, Шин Бет предупреди дека иранската разузнавачка служба го хакирала неговиот мобилен телефон и дека ги ставиле неговите лични податоци и адреса во непријателски раце, пренесува Бета.
Во соопштението од кампањата на Ганц во тоа време се сугерираше декатоа го објавиле неговите противници за да ја поткопаат неговата популарност.