Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски за утре го најавува почетокот на шестата и последна фаза од реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало. Од општината информираат дека реконструкцијата на оваа улица, поделена во шест посебни фази, опфаќа површина од вкупно 7.182 метри квадратни и целиот зафат чини 64.847.608, 47 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.
Како што информираат од прес-службата на Општина Центар, овој капитален проект, кој го почна претходниот градоначалник на општината Саша Богдановиќ, има за цел да воведе ред во сообраќајот, да даде хумана димензија и да го врати препознатливиот лик на една од најважните центарски улици, „Орце Николов“. Реализацијата на последната фаза од реконструкцијата е предвидено да трае 30 дена.
Со стеснувањето на коловозните ленти, системот на паралелно паркирање и воведувањето на физички мерки за ограничувања на улицата, посочуваат од општината, се зголемува безбедноста на одвивање на сообраќајот, а со изведбата на нови тротоари и велосипедски патеки, особено внимание им се посветува на пешаците и велосипедистите.
– Оваа фаза од реконструкцијата предвидува целосно затворање на улицата „Орце Николов“, од крајот на фаза 5, до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“. Во овој потег се предвидува затворање на улицата „Ѓорѓи Пулевски“. Истата улица се предвидува да биде двонасочна и со тоа ќе се овозможи пристапување на жителите со што се забранува паркирање по должина на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ и на дел од улицата „Благоја Давков“. Се затвора и пристапот преку тротоар до улица „Донбас“, со тоа што жителтите по истата ќе пристапуваат преку улицата „Алберт Ајнштајн“. Сите приоди по должинa на улицата се затвораат.