Српскиот премиер Ивица Дачиќ му посака денеска во Белград добредојде на еврокомесарот за проширување Штефан Филе со констатација дека „сега и официјално земјата е под негов ресор“.
На заедничката прес-конференција по средбата, Дачиќ истакна дека посетата на Филе во Белград сведочи дека и во Брисел „веруваат дека Србија ќе биде 29-та членка на ЕУ“.
Тој порача дека е многу важно Србија брзо да одговори на стартниот знак за почеток на преговорите со ЕУ и најитно да се подготви за преговори за членство, да формира преговарачки тим и да одреди главен преговарач.
– Му благодарам на Филе што толку брзо реагираше по одлуката ма Европскиот совет и што дојде со тимот кој брзо ја подготвил преговарачката рамка, нагласи Дачиќ.
Филе го информирал и дека неговиот тим веќе го подготвил рамковиот план на скринингот за Србија и дека тоа ќе трае во следните 18 месеци, а ќе почне кон крајот на септември, како и дека станало збор за тоа кои поглавја први се отвараат.