Од СДСМ преку соопштение велат дека лагите на ВМРО-ДПМНЕ се поразени и бараат да им се извинат на граѓаните и да понесат одговорност.
„Срам е да го лажеш народот дека имаш мнозинство а во исто време да се покаже дека немаш. Срам е да излезеш со тешко лажно обвинување, да лажеш дека е киднапиран пратеник, во исто време кога пратеникот изјавува дека е под закана од поединци токму од опозицијата. Таа вистина сигурни сме дека ќе се потврди овие денови. Срам е да велиш дека некој манипулира а во исто време со недели да ја манипулираш јавноста. Срам е да седиш на иста маса со оние кои се против НАТО и ЕУ, против концептот едно општество, против правдата, а во исто време друг да ти биде виновен за твојот неуспех“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ бараат Христијан Мицкоски, Зијадин Села, и Билал Касами да излезат пред граѓаните и да им се извинат.
„Граѓаните да бидат спокојни, СДСМ, заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбеди стабилност и продолжување на напредокот на земјата“, се вели во соопштението.