Минатата година Сирија го престигна Авганистан како земја со најголем број регистрирани жртви од противпешадиски мини и неексплодирани убојни средства, соопшти денеска Мониторинг група за нагазни мини и касетна муниција (Landmine and Cluster Munition Monitor).
Мониторинг групата подготвува годишни извештаи од 1999 година, при што лани се регистрирани 2.729 убиени и повредени лица во Сирија.
Во периодот од 2005 до 2007 година на прво место беше Колумбија, а потоа од 2007 до 2020 година беше Авганистан.
Според извештајот во 2020 годинана 54 територии се регистрирани најмалку 7.073 жртви од мини и неексплодирани убојни средсва, вклучително 2.492 смртни случаи.
Најголем број жртви 9.440 се забележани во 2016 година, додека во 2019 имало 5.853. Најмал број на жртви – 3.456 имало во 2013 година.
Околу 164 земји се обврзани со Договорот за забрана за мини постигнат во 1997 година.
Во извештајот се посочува дека од средината на 2020 година до октомври 2021 година Мјанмар е единствената држава чии сили употребиле противпешадиски мини. Исто така се наведува дека за време на минатогодишниот судир во Нагорно-Карабах има индиции дека се употребени противпешадиски мини, но не се докажани наводите.
Меѓувреме е утврдено дека милитантни групи во Авганистан, Колумбија, Индија, Мјанмар, Нигерија и Пакистан користеле противпешадиски мини.
Во 2020 година речиси 146 квадратни километри земјиште било исчистено односно уништени се над 135.000 противпешадиски мини.
Во 2021 година Шри Ланка, 94 земја го заврши уништувањето на резервите на нагазни мини.
Но, во 2020 година идентификувани се 12 држави кои се уште произведуваат противпешадиски мини, тоа се Кина, Куба, Индија, Иран, Мјанмар, Северна Кореја, Пакистан, Русија, Сингапур, Јужна Кореја, САД и Виетнам.