Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека во овој момент нема пациент кој примил трета доза вакцина, а е хоспитализиран.
-Досега, 99 пациенти вакцинирани со трета доза се дијагностиицани како позитинви и обично дијагнозата е четири до пет дена по примената трета доза. Има само еден смртен случај, но со друга тешка здравствена состојба, рече Филипче, одговорајќи на новинарско прашање дали има пациенти кои примиле трета доза и се заразиле со КОВИД, биле хоспитализирани или починале.
Филипче повтори дека како трета доза, се препорачува да биде примена вакцината Фајзер. Притоа е неважно која вакцина била аплицирана во првите две дози.
-Фајзер е препорачана да биде третата доза, независно која е првата и треба да се добие шест месеци од примената втора доза. Ова не ваќи за синофарм и синовак, како и за имунокомпромитирачките пациенти. Кај нив третата доза треба да се прими по три месеци од втората доза. Тоа се препораките секаде во светот кои и ние ги следиме, објасни Филипче.
Во врска со 22-годишното момче кое почина во Битола и чие семјство обвинуваше за лекарски грешки, министерот информира дека е завршен надзорот од Санитарниот инспекторат.
-Поднесени се веќе и документите до Лекарската комора за иницирање на стручниот надзор, додаде Филипче.
Вакцини имаме, лекот на „фајзер“ е во фаза на клиничка студија и затоа засега нема да се набавува
Се уште нема конкретна информација за можноста да се набави вакцината „спутник“, одговори министерот на новинарско прашање.
Оваа вакцина, истакна Филипче, во одреден период не беше на располагање. Сепак, во овој момент, како што напомена, има доволна количина од другите вакцини.
-Заклучно со денеска имаме 200.000 вакцини „фајзер“ со различен рок. Има доволно вакцини, најавени се и донации од европските земји, потенцира министерот.
Според него, нема конкретна информација кога ќе стигнат најавените 250.000 вакцини на „Џонсон и Џонсон“ од Данска.
-Беа најавени во два наврата – еднаш како информација и можност која ја прифативме и пред неколку недели со дефинитивна потврда дека може да се наменат за нашата земја. Рокот на тие вакцини е до 2023 година, но конкретен датум се уште не ни е јавен, рече Филипче.
Филипче: Разговаравме со претставниците на „Мерк“ за новиот антивирусен лек
Разговаравме со претставниците на компанијата „Мерк“ за новиот антивирусен лек. Тоа е антивирусен лек со кој компанијата е најнапред отидена со студиите, кои практично се завршени. Освен оваа, и компанијата „Фајзер“ развива ваков антивирусен лек. Станува збор за лекови кои никако не ја менуваат вакцината, туку може да се дадат по дијагностицирање на болеста со соодветна индикација и кои се уште не се одобрени, истакна министерот Филипче.
При тоа, посочи тој, за лекот на „Мерк“ се завршени клиничките студии и Американската агенција за лекови на 30 ноември треба да има состанок на кој ќе го каже ставот во однос на дозволата за употреба.
– Ние на некој начин изразивме интерес за да има некаква форма на пререзервација на одредени количества за нашите пациенти во најкраток можен период, откако ќе завршат сите административни процедури. Клиничките студии на овој ист тип лек од компанијата „Фајзер“ не се се уште завршени и затоа засега нема да се набавува, рече Филипче.
Во врска со Европскиот ковид сертификат, министерот истакна дека детална презентација ќе направат во петок.
– Имаме подготвена анимација со видео како се симнува, како се користи сертификатот од сајтот vakcinacija.mk, скенирање на кодот во двете апликации и за ајфон и за гугл системот преку апликација… Тоа е сертификат кој е целосно признат во сите земји од ЕУ, нешто на што интензивно работевме со „Ајфон“ и „Гугл“ за да се верифицираат тие апликации. Тие се веќе достапни за нашите граѓани, може да се симнат на мобилните телефони, но детално ќе објасниме в петок, додаде Филипче.