Маестро Ловро Матачиќ се издвојува како значајна фигура во македонската културно музичка историја. Тој донесе прогрес и го мотивираше не само оркестарот на македонската Филхармонија за поинакви идеи, туку на многу повисоко ниво го подигна и музичкиот живот во земјава. Ова беа главните пораки на денешната промоција на книгата „Ловро Матачиќ” од Ана Видиќ која се одржа во Националната опера и балет.
Книгата е во издание на Фондацијата „Ловро и Лили Матачиќ“ од Загреб, а промотори беа музикологот Јулијана Папазова и генералниот секретар на Фондацијата, Јосип Налис.
Освен промоција на книгата, во Националната опера и балет од денеска се изложени четири паноа на кои преку фотографии и краток текст е опишано работењето на маестро Матачиќ. Изложбата ќе биде отворена до 26 ноември во фоајето на Национална опера и балет.
Директорот на Национална опера и балет, Васо Ристов посочи дека на оваа промоција посветена на човекот кој се смета за „духовен татко на македонската опера“, ќе се видат и 11 оригинални плакати на оперски и балетски претстави, во кои тој самиот се јавува во улога на диригент или режисер.
-Сплетот на општетсвено-политички и животните околности овој веќе зрел и афирмиран уметник во 1948 година го доведува во Скопје, каде што живееше и работеше се до 1952 година. Неговиот четиригодишен престој во Скопје се совпаѓа со формирањето на нашите културни институции – Операта и Филхармонијата. Маестро Матачиќ во операта успешно поставува повеќе дела од стандардниот репертоар, рече Ристов за време на промоцијата.
Тој посочи дека овој момент, како и афирмацијата на Скопје како виден културен центар, несомнено го издвојува маестро Матачиќ како значајна фигура во македонската културно-музичка исторрија.
-На 23 март 1950 година во тоа време, во Операта на МНТ се изведува првата премиера на оперската претстава „Боеми“, каде маестро Матачиќ се појавува како диригент. Исто така на 4 март 1951 година премиерно се изведува оперската претстава „Кармен“, додека на 30 декември 1949 година тој ја диригира премиерната изведба на балетот „Бачичареска фонтана“. Долг е списокот на делата изведени од страна на маестро Матачиќ во нашата куќа, додаде директорот Ристов.
Според директорката на Филхармонија, Тина Иванова, диригентот Матачиќ со право бил нарекуван „маѓепсник диригент“, бидејќи многумна сведоци на неговото време знаат да кажат дека тој на сцената правел вистински магии.
-Голем дел од животот и работата, маестро Матачиќ го посветил и на работата во Филхармонија. Дал огромен придонес за развојот и на Филхармонија, и со право бил нарекуван маѓепсник диригент бидејќи многумна негови сведоци на неговот време знаат да кажат дека тој на сцената правел вистински магии, рече Иванова, која подоцна цитираше извадоци од книгата.
Таа додаде дека маестро Матачиќ донел прогрес и го мотивирал не само оркестарот на македонската Филхармонија за поинакви идеи за работа, туку на многу повисокот ниво го подигнал воопшто музичкиот живот во земјава, а особено педагошки влијаел на новите генерации музичари.
Како што посочи, тој претставил дела и програма стилски поинаква од дотогаш изведената, и донел естетска разновидност.
-Ако ги прашате сите оние музичари кои имале среќа да го запознаат големиот маестро од близу да соработуваат со него, едногласни се во впечатокот дека тие средби ќе останат вмрежани во нивните сеќавања засекогаш. Ќе го цитирам македонски композитор Тодор Скаловски кој за Ловров вели: „Ловров беше душа од човек, несебично се даруваше и ни помагаше. „Не само од мене да учиш Тодоре, мораш да учиш и од други, и јас сум учел“, рече Иванова.
Македонскиот музиколог Јулијана Папазова информираше дека станува збор за втора монографија за Матачиќ. Првото издание датира од 1996 година, а втората претставува надградување на податоците на првата монографија.
Таа додаде дека монографијата е двојазична, на хрватски и на англиски јазик, затоа што како што рече, тоа е логичен избор поради интернационалната и богата кариера на маестро Матачиќ.
-Поделбата на текстот со црна и плава боја се чита многу лесно, без никакво прекинување или губење на текот на речениците. Има биографски наратив и хронологија за животот на Матачиќ. Книгата ја прочитав брзо за два дена и тоа е позитивен дел од ова издание, бидејќи е лесна за читање, за разлика од првата која што е во многу тежок формат и не може брзо да се прочита, додаде Папазова.
Таа напомена дека книгата е достапна и за стручната јавност, но и за широката пуболика заради пристапноста и наративноста во претставување на навистина интересниот живот на Матачиќ, кој според Папазова, заслужува и документарен филм.
-Она што ми се допадна во оваа книга се цитатите на Матачиќ за разни теми од областа на музиката и неговото искуство како диригент, неговиот став за музикката и уметноста, кои се наоѓаат на почетоците на секоја глава, додаде Папазова.
Генералниот секретар на Фондацијата „Ловро и Лили Матачиќ“ од Загреб, Јосип Нализ на промоцијата рече дека станува збор за книга која го опишува животот и делото на Матачиќ, во која можат да се согледаат некои непознати детали за неговата биографија, и да се даде едно ново светло на веќе познатите факти за него.
По обраќањата, директорот на НОБ, Васо Ристов на генералниот секретар на Фондацијата „Ловро и Лили Матачиќ“ од Загреб, Јосип Нализ му подари оригинален плакат од изведбата на операта „Боеми“ во Скопје во 1950 година.