Кинеските власти денеска како „манипулација“ го оценија извештајот на американското Министерство за одбрана што укажува на побрзиот развој на кинеската нуклеарна програма.
-Американскиот извештај е полн со предрасуди, изјави портпаролот на кинеската дипломатија Ванг Венбин.
Тој го обвини Вашингтон дека се обидува да ја „зголеми“ тезата за кинеската закана.
Пентагон вчера го објави извештајот во кој се наведува дека Кина ги зголемува своите нуклеарни сили многу побрзо отколку што предвидуваа американските власти пред само една година.
Пентагон не наведе колку боеви глави има Кина во моментов, но пред една година беше констатирано дека таа бројка е нешто повеќе од 200 и дека до крајот на деценијата може да се удвои.
За споредба, САД имаат арсенал од 3.750 парчиња нуклеарно оружје и не планираат да го зголемуваат. До 2003 година, вкупниот број на ваквото оружје во САД беше околу 10.000.