Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва забележа убедлива победа над Работнички со 87:66 во натпревар од 6. коло во македонската Прва лига.
Вечното дерби, прво во новата кошаркарска сезона, беше решено уште во првото полувреме кое домаќинот го доби со 52:28, па вторите 20 минути беа само формалност и можност тренерите на градските ривали да им дадат поголема минутажа на помладите играчи.
Репрезентативците Бојан Крстевски (18 поени) и Дамјан Робев (16 поени) беа најефикасни во победничкиот тим. Кај Работнички најмногу поени реализира Џексон Пол – 14.
МЗТ Скопје Аеродром по вечерашниот триумф има биланс 5-1 (победи – порази), додека Работнички е со ефект четири победи и два пораза.
Преостанатите средби од 6. коло се играат од 5 до 7 ноември.