Кина ја зголемува својата нуклеарна моќ многу побрзо отколку што предвидуваа американските власти пред само една година, покажува извештајот на Пентагон објавен денеска.
„Кина брзо ја зајакнува својата воена моќ со намера да му овозможи на Пекинг да ја достигне или надмине глобалната моќ на САД до средината на векот, се наведува во извештајот.
Бројот на кинески нуклеарни боеви глави би можел да се зголеми на 700 за шест години, а до 2030 година да надмине 1.000.
Пентагон не наведе колку боеви глави сега има Кина, но пред една година беше констатирано дека тој број е нешто повеќе од 200 и дека до крајот на деценијата може да се удвои.
За споредба, САД имаат 3.750 нуклеарни оружја и не планираат да го зголемат тој број. До 2003 година, вкупниот број на такви оружја во САД беше околу 10.000.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден спроведува сеопфатен преглед на својата нуклеарна политика, но не наведува како загриженоста за Кина може да влијае на неа.
Извештајот не навестува отворен конфликт со Кина, но укажува дека способностите на Народноослободителната армија на Кина, која е решена да се натпреварува со САД во сите области на војување, во воздух, на копно, во вселената и во кибер просторот, се зајакнуваат.
Извештајот на Пентагон се заснова на информации собрани до крајот на декември 2020 година и не ја одразува или споменува претходната изјава на началникот на Здружениот генералштаб на американската армија, генерал Марк Мили. Минатиот месец Мили изрази загриженост поради кинеското тестирање на хиперсонично оружје минатото лето, што, според него, било загрижувачко изненадување.
Во изјавите непосредно пред објавувањето на извештајот денеска, Мили на безбедносниот форум во Аспен рече дека тестирањето на хиперсонична ракета и другите достигнувања на Кина се доказ за тоа што е во прашање за светот.
„Сведоци сме на една од најголемите промени во глобалната и геостратешката моќ што светот ја виде“, рече Мили.
Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Кина планира да стане глобална воена сила до 2049 година.