Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска повторно ќе биде прегледан во болница во Њујорк, што е негово второ заминување во болница од почетокот на неговата 12-дневна посета на САД.
Патријархот Вартоломеј денеска треба да биде примен во болницата Маунт Синај на Менхетен на анализа на крвните садови, соопшти Грчката православна архиепископија во САД.
Треба да се процени дали е потребно да му се стави стент, се додава во соопштението.
Патријархот (82), на почетокот на неговата официјална посета на САД, на 24 октомври веќе мина една ноќ во болница во Вашингтон. Архиепископијата тогаш соопшти дека тоа било сторено како мерка на претпазливост и дека патријархот се чувствува слаб по долгиот прекуокеански лет.
Патријархот Вартоломеј следниот ден, според планот, беше примен од американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа.
Вартоломеј е претседавач со Цариградската патријаршија, чие седиште е во Турција, и е прв меѓу еднаквите патријарси на Православната црква.