В недела жителите на Карпош одлучуваат дали ќе му дадат поддршка на Стевчо Јакимовски против чии урбанистички планови во 2016 и 2017 година со месеци масовно протестираа и блокираа улици или, пак, за градоначалник ќе го изберат Душко Весковски, кој зад себе има четиригодишен директорски мандат во скопски „Водовод“ и десетгодишно искуство во Музејот на холокаустот.
Јакимовски од граѓаните бара четврти градоначалнички мандат. Тој првпат стана градоначалник на Карпош во 2000 година како кадар на ЛДП, а остана на функцијата до 2003 кога ја напушти локалната власт за да стане министер за економија во тогашната Влада на СДСМ. По неколку месеци тој ја напушти и оваа функција за да стане министер за труд и социјала, каде што остана до август 2006 година.
Како кандидат на ЛДП поддржан од СДСМ тој во 2009 година повторно беше избран за градоначалник на Карпош, граѓаните му дадоа втор градоначалнички мандат.
Пред локалните избори во 2013 година тој премина од ЛДП во СДСМ, но се судри со тогашното раководство на партијата кое имаше став да ги бојкотира локалните избори, но подоцна се премисли и како кандидат за градоначалник го предложи Андреј Перов.
Јакимовски судирот го реши со кандидатура за третиот мандат во Карпош преку Српската напредна странка. Тој во 2013 година го победи кандидатот на СДСМ, Андреј Петров, и третпат стана градоначалник на Карпош со печат од партијата на Србите.
Печатот стана предмет за безброј шеги во јавноста, се монтираа видеа „А где је печат“ по примерот на протест на работниците во Ниш од истата година, на кои реагираше и лидерот Драгиша Милетиќ, кој на прес-конференција уверуваше дека печатот на партијата е кај него, а не кај Јакимовски.
Од прислушуваните разговори јавноста дозна дека во тој период Јакимовски, лут на СДСМ, не се зближил само со партијата на Србите туку бил близок и со тогашните челници на ВМРО-ДПМНЕ. Беше објавен негов разговор со тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој Јакимовски бара помош околу изборите за партијата на Србите.
Од тој период е и неговото најгледано видео во кое ја слави победата на изборите пеејќи ја на микрофон српската песна „Не може нам нико ништа, јачи смо од судбине“.
Еден месец откако го доби третиот мандат со помош на Драгиша Милетиќ, Јакимовски ја формираше партијата ГРОМ, Граѓанска опција за Македонија.
На изборите во 2017 година тој се кандидираше за градоначалник на Карпош од ГРОМ, но изгуби од Богоев.
Незадоволството од неговото дотогашно водење на општината кулминираше откако на почетокот на 2017 година, за време на новогодишните празници донесе низа урбанистички планови против кои граѓаните, организирани на социјалните мрежи, масовно излегуваа на протести и блокираа улици. Граѓаните беа револтирани оти градоначалникот не ги послушал нивните барања и на многу парцели со зеленило нацрта маркички за згради и катни гаражи. Протестите се засилија откако граѓаните само во Тафталиџе летото 2017 година избројаа 25 градилишта за нови згради на места за кои сопствениците не успевале сами, без инвеститори, да добијат одобренија ниту за трикатници.
Истото лето Јакимовски испрати во Тафталиџе градежна инспекција да урива гаража со уредна документација оти му пречела за пристап на поранешниот министер за образование во Владата на Груевски, Спиро Ристовски. И за оваа гаража се организираа протести на кои жителите масовно се појавуваа, а симбол на отпорот стана и паркот на улица Букурешка каде што пензионерите стражареа за да не почне да се гради, веќе предвидена, зграда. Револтот од политиките на Јакимовски граѓаните го потврдија есента на изборите кога му дадоа доверба на Богоев.
Следната, 2018 година, Финансиската полиција направи претрес во куќите кои ги користи Јакимовски, а подоцна беа покренати обвиненија против него и дел од вработените во Општината за незаконски јавни набавки, злоупотреба на службена должност и бесправно градење за општинските бараки и плоштадот во Жданец.
Петмина од вработените признаа вина и лани беа осудени условно, за Јакимовски сè уште нема пресуда. Во 2019, по налог на Обвинителството, Јакимовски беше приведен и доби мерка притвор. Од здравствени причини тој побара притворот да не биде затворски, па шест месеци беше во куќен притвор.
Четири години откако не е градоначалник, жителите на Карпош, разочарани и од Богоев, на социјалните мрежи споделуваат урбанистички планови донесени од Јакимовски, нереализирани во времето на Богоев, но и несменети со нови, кои ќе го заштитат зеленилото. Јавно повикуваат да не се гласа за Јакимовски за да не се дозволи да ги реализација одамна нацртаните шеснаесеткатница во Влае, осумкатница кај поранешната пошта на Партизанска и ред други.
Такви повици, засега, нема за Душко Весковски, кој ќе му биде противкандидат на Јакимовски в недела. Тој последниве четири години, како кадар на СДСМ е директор на ЈП„Водовод и канализација“. Во пресрет на изборната кампања, во август годинава Весковски и покрај предупредувањата од Државната комисија за спречување корупција, почна акција за отпис на камата на долговите за вода, пракса која во ова јавно претпријатие беше воведена во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Антикорупционерите му препорачаа акцијата за отпис на каматите на долговите да ја спроведе по изборите оти организирана спроти изборите може да се протолкува како изборен поткуп, но акцијата беше спроведена.
Весковски е член на СДСМ од 2009 година и досега не ја менувал партијата. Од 2013 година до 2019 година бил претседател на СДСМ – Карпош, а од 2019 – 2021 бил организационен секретар на СДСМ.
Во периодот од 2007 година до 2017 година Весковски работел во Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Почнал како волонтер, а стигнал до раководител на Меморијалниот центар и раководител на секторот за истражување, архивирање и документирање.
Обајцата кандидати за градоначалник на Карпош во кампањата имаат безмалку исти ветувања за жителите – помалку урбан хаос, повеќе зеленило, чиста и уредена општина. Весковски, според официјалните резултати од ДИК, во вториот круг влегува со 2470 гласа предност. Тој освои 9311 гласови, а Јакимовски 6841 глас. Решавачки ќе бидат гласовите од граѓаните кои во првиот круг не гласаа за нив туку за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои заедно добија 10.239 гласа.