Повеќе од 30 случаи на насилство и закани за насилство врз авганистански новинари се пријавени во изминатите два месеца, а во речиси 90 отсто од случаите, сторители се новите владетели на Авганистан, талибанците.
Од случаите на насилство пријавени од Авганистанското здружение на новинари, повеќе од 40 отсто биле тепање, а останатите 40 отсто се закани со насилство. Други случаи вклучуваат еднодневни апсења на новинари.
Еден новинар е убиен.
Повеќето од актите на насилство им се припишуваат на талибанците, кои насилно ја презедоа власта во Авганистан во средината на август.
Извештајот е објавен во време кога талибанците се обидуваат да воспостават дипломатски односи со меѓународната заедница, од кои повеќето не сакаат да го признаат нивното владеење.
Талибанците се обидуваат да се позиционираат како одговорни владетели и да ветат безбедност на сите.
Авганистан долго време е опасно место за новинарите. Според податоците од почетокот на септември, од 2001 година во земјата се убиени 53 новинари, од кои 33 починале од 2018 година.