Претседателот на Мјанмар, Тиен Сеин синоќа во Лондон најави дека до крајот на оваа година ќе бидат ослободени сите политички затвореници во неговата земја.
– Од Нова година во Мјанмар повеќе ќе нема ниту еден политички затвореник, изјави Сеин во текот на едно излагање во британскиот главен град.
Од март 2010 година, откако Сеин е избран за шеф на државата, а дотогашната воена хунта и ја препушти власта на цивилната влада која ја има поддршката на воениот врв на земјата, се ослободени повеќе стотици политички затвореници.
Ослободувањето на затворениците е составен дел на политичките реформи што повеќе од две години се спроведуваат во оваа земја на Индокинескиот Полуостров, која во минатото се нарекуваше Бурма.
Мјанмарскиот претседател се наоѓа во прва посета на Велика Британија во рамките на својата мини турнеја низ Европа. Тиен Сеин во Лондон се сретна со премиерот Дејвид Камерон, шри што главна тема во текот на разговорот беше унапредувањето на трговската и воената соработака меѓу двете земји. Сеин бара од Велика Британија и од Западот да го поттикнат позабрзаниот развој на Мјанмар.
Од британска страна е побарано натамошно унапредување на човековите права, па во тие рамки и давање права на муслиманското малцинство кое живее во пограничните реони со Индија и Бангладеш.
Во судири меѓумалцинските муслимани и мнозинските будисти во Мјанмар последниве месеци, беа убиени околу 200 лица, а десетици илјади беа раселени, во најголем број припадници на малцинската муслиманска заедница.