„Денес имавте можност да ја пробате новоотворената втора, надолна, шумска патека со којашто Средно Водно го поврзавме со центарот на градот. Оние што ја пробале кажуваат дека нуди незаборавно 20 минутно адреналинско искуство. Оваа патека значи функционално комплетирање на проектот „Водно Вело Парк“ со што омилената планина на скопјани станува функционална рекреативна и туристичка зона. Водно со овие две патеки и придружната инфраструктура станува регионална туристичка атракција“, изјави кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ Петре Шилегов на отворањето на новата велопатека на Водно.
„За овие четири години воведени се бесплатни автобуски линии, воведен е ред во паркирањето, поставени се нови детски содржини, набавена е планинска противпожарна опрема и возила, организирана е спасителна служба со црвениот крст на Град Скопје. Двете патеки за планински велосипедизам дојдоа на барање на велосипедистите и планинарите кои често влегуваа во конфликт на планинарските патеки. Овие патеки немаат никаков контакт со патеките на планинарите“, вели Шилегов.
Патеката е долга над 3.5 км и широка е 3 м. Косините се лесно совладливи и од помалку искусните возачи, но носењето на заштитна опрема е задолжително и е препорачливо. За оваа патека се расчистуваше единствено ниска вегетација, но она што е важно е дека не се сечеше шума. Кога се воведе паркингот на Водно најавата беше дека парите ќе се инвестираат во планината. Денес може да каже дека оваа патека со вредност од 8 милиони денари е финансирана со паркинг картите на автомобилистите.
„Да ве потсетам, на Водно му се случија тешки злостори во нашето блиско минато. На Водно му се случи Сончев Град – населба која не се догради а за која се пресече шумата на источните падини кон општина Кисела Вода. На Водно му се случи патот до Сончев Град – којшто се изгради несоодветно и сега е небезбеден за употреба и затворен. Овој пат не само што пресече илјадници дрвја на планината, туку ги пресече и најубавите планинарски патеки од Кисела Вода кон Марково Крувче и Средно Водно. На Водно му се случи и поместувањето на градежната линија и засилената урбанизација над Центар и Карпош за коишто ја имаа помошта на ГУП-от изработен од мојот претходник Коце Трајановски“, потсети градоначалникот Шилегов.
„Изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини кои обединуваат луѓе не смее да запре. Изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи. Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Да се обединиме затоа што развојот на Скопје не смее да запре“ потенцираше Шилегов.