Неколку десетици илјади приврзаници на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата десничарска Влада се собраа денеска во Будимпешта на мировен марш за да му изразат поддршка.
Пред поддржувачите во центарот на Будимпешта Орбан изјави дека Вашингтон и милијардерот Џорџ Сорос, користејќи ги нивните пари, медиуми и мрежи, се обидуваат да ја придобијат унгарската левичарска опозиција.
„Но, не е важно што сакаат во Брисел, Вашингтон и медиумите што се водат од странство. Унгарците сами ќе одлучуваат за својата судбина“ – рече Орбан.
На средбата Орбан ги наброи економските достигнувања на неговата Влада и ја обвини претходната, предводена од социјалистите, дека ја донела земјата до финансиски колапс.
– Ни требаа неколку години да го поправиме она што го уништија левичарите, истакна премиерот на Унгарија, каде следната пролет се закажани парламентарни избори.
Собирот беше организиран од невладината организација Форум на граѓанско единство, активен промотор на политиките на партијата Фидес на Орбан, која доминира во унгарскиот Парламент со двотретинско мнозинство од 2010 година.