Кандидатот за градоначалник н Скопје од СДСМ, ПЕтре Шилегов во Градскиот парк Скопје ја постави првата од трите летни сцени наменети за одржување на културни настани на отворено.
Станува збор за монтажна и мултифункционална сцена на отворено, со движечки челични профили, идеална за одржување на музички настани, изложби, театарски претстави, уметнички перформанси и разни други собири.
На отворањето, актуелниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, не го криеше своето задоволство од реализацијата.
„Мултифункционалната сцена ќе биде новата гордост на Градски Парк. Местото каде ќе се одржуваат најубавите настани, градски фестивали, местото каде многу скопски уметници за прв пат ќе застанат на сцена и каде публиката ќе има можност да ужива во незаборавни моменти“, изјави градоначалникот Шилегов.
Изминатите две години поминати со пандемијата на КОВИД 19, ги натера граѓаните повеќе време за одмор и рекреација да поминуваат на отворено, а едно од омилените места на скопјани е токму Градскиот парк.
„Овој процес го започнавме веднаш по започнувањето на пандемијата. Град Скопје беше првата европска метропола со кризни мерки за културата во насока на заштита на егзистенцијата на скопските уметници, но и првата метропола што организираше цели фестивали сред пандемија, па дури и во карантин. Оваа сцена е избрана на јавен конкурс во конкуренција на 12 други трудови и беше претставена на изложба заедно со сите останати примени трудови минатото лето. По изработката на основниот проект и неопходните процедури за јавни набавки, сцената е тука“, додаде Шилегов.
Изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини кои обединуваат луѓе не смее да запре, посочи Шилегов, изградбата на европско урбано и зелено Скопје мора да продолжи.
„Ајде да се обединиме за модерен град кој вложува во иднината, а не во минатото. Да дадеме поддршка за Скопје кое ги поддржува младите да градат семејства тука и кој силно вложува во здрава иднина, чист воздух и модерна инфраструктура“, заклучи Шилегов на денешната прес-конференција, со повик за обединување затоа што Скопје не смее да запре да расте и да го продолжи својот пат меѓу најразвиените градови во Европа.