Првата од шесте најавени премиери во драмскиот дел од годинaшното „Охридско лето“ ќе биде претставата „Мизантроп“ на Молиер во режија на Драгана Милошевска-Попова, која утревечер ќе ја изведе Турскиот театар од Скопје.
Директорот на театарот Атила Клинче денеска на прес-конференција изрази задоволство од можноста да учествуваат на нашата најголема музичко-сценска манифестација, со претстава работена по тежок текст што претставува предизвик за секоја театарска куќа.
– Мислам дека направивме извонредна престава, со одлична екипа составена од звучни имиња, наградувани, квалитетни актери, не секогаш валоризирани согласно со вложениот труд. Иако млади, зад себе имаат над дваесетина улоги, со својата енергија го подигаат квалитетот на програмата на Турскиот театар, независно дали станува збор за комедии или зa класични драмски дела, истакна Клинче.
Режисерката Драгана Милошевска-Попова рече дека „Мизантроп“ е личен предизвик за неа, како тема од друго време, други општествени околности, но секогаш актуелни, вонвременски.
Актерот Селпин Керим, кој ја толкува главната улога – Алсест, рече дека самото дело го влече актерот да се справува со проблемите што ликот ги носи во себе.
– Што е тоа што го тера човека да стане мизантроп кога има прекрасна кариера, слава, го гони добра репутација, што е тоа што го тера настрана, дури во омраза? Длабоко во него стои неискреност, кај луѓето, во општеството, еден крај во кој нема подадена рака, рече Керим.
Претставата ќе биде изведена во Предворјето на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. Ќе трае час и 15 минути, а за гледачите е обезбеден и превод на македонски јазик.