Европската комисија попладнево ќе ги презентира извештаите за напредокот на реформскиот процес во шесте земји од Западен Балкан, Северна Македонија очекува потврда за поддршката за почеток на преговори, јави дописничката на МИА од Брисел.
Извештаите ќе ги презентира еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, пред европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, по што ќе одржи и прес-конференција за медиумите.
Секоја година Европската комисија го мери и оценува реформскиот напредок на сите шест земји вклучени во политиката на проширување на ЕУ на Западниот Балкан – од судство, до економија, медиуми, човекови права, и сите други релевантни области за зачленување во Европската Унија.
За Северна Македонија е клучно и овој извештај уште еднаш да ја потврди подготвеноста на земјата за започнување на преговорите за членство со ЕУ, како што тоа повеќе пати е посочено во Европската Комисија и Европскиот Совет.
Северна Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ поради блокадата на Бугарија за билатерални прашања.
Дипломатите во Брисел очекуваат денешниот извештај да ја повтори пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Северна Македонија треба да ја отвори првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годината. Оваа порака Фон дер Лајен ја упати при нејзината посета на Скопје на крајот на септември.
За да се одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, треба претходно да биде усвоена преговарачката рамка предложена од Европската комисија до 27-те земји членки и до Северна Македонија.
Бугарија не се согласува со содржината на оваа преговарачка рамка.