Протести и штрајкови во Грција

Од:

Во Грција од денеска до среда ќе се одржат протести и штрајкови, поради очекуваното гласање во Парламентот на пакетот закони, кои предвидуваат ревизии во државниот сектор, нов даночен кодекс и други промени во замена за продолжување на финансирањето на земјата од меѓународните кредитори.

Пакетот беше одобрен кон крајот на минатата недела од парламентарната Комисија за економски прашања со гласовите на двете партии од владејачката коалиција – конзервативната Нова демократија и социјалистичката ПАСОК. Демократската левица ДИМАР, која ја напушти коалицијата минатиот месец гласаше „против“.

Кулминацијата на протестите се очекува утре, за кога е планиран 24-часовен штрајк, свикан од двата синдиката ГССЕ и АДЕДИ, кои ги обединуваат вработените во приватниот и државниот сектор. За утре е закажан и протестен митинг во центарот на Атина.

Од денеска до среда општинските служби во Грција ќе бидат затворени во знак на протест против предвидените намалувања на работните места во државниот сектор. Вработените во локалната власт поради овие кратења планираат протести и во другите поголеми градови во Грција.

Општинските службеници исто така ќе учествуваат и во 24-часовен штрајк на двата синдиката утре.

Гласањето на пакетот закони ќе се одржи во среда, за кога е планиран и протестниот марш пред грчкиот Парламент. Педагозите и наставниците исто така ќе излезат на протести, а најавено е и учество на вработените во државните болници, кои исто така се засегнати од кратењата.

Проблеми со очекуваат во железничкиот сообраќај поради учеството на федерацијата на железничарите во генералниот штрајк, објавена од двата синдиката за утре.

Грција доби тримесечно одложување од тројката меѓународни кредитори (Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд) за ставањето на 12.500 вработени во буџетскиот сектор во т.н. „шема на мобилност“, што значи дека тие имаат рок од осум месеци за да пронајдат работа или ќе бидат отпуштени. Грција овие кратења требаше да ги спроведе до јуни.

Би можело да ве интересира

Земјотрес со јачина од 6,1 степен во близина на грчкиот остров Крит

Несреќа во Солун: Експлодира бомба, настрада 38-годишна жена од Грузија

Затворска казна до три месеци или парична казна од 300 евра за паркирање приколки или кампери на јавни простори во Грција

А1он

Штрајкуваат вработените во јавниот превоз во Грција

Грците уапсија шпион кој преку шифрирана апликација испраќал тајни материјали

Силен земјотрес го погоди Крит

Катерина Ѓуровски