Пред само четири години, на веб-страницата на Државната изборна комисија се гледаше мапа обоена со сина боја. СДСМ, ред по ред, ги освојуваше речиси сите општини во државата, во седиштето на партијата се славеше наголемо, под мотото дека режимот се урива и на сцена стапува демократијата. Локалната власт дојде во рацете на СДСМ, исто како и советите во општините. Во Белата Палата на ВМРО-ДПМНЕ владееше молк, донекаде и срам од катастрофалниот изборен резултат.
Четири години подоцна, мапата се измести. Зурлите и тапаните беа пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ во првиот круг од изборите изгуби општини кои важеа за нивни бастиони. Иако лидерот на партијата Зоран Заев се обидуваше да изгледа самоуверено на прес-конференцијата одржана по полноќ, не можеше да се скрие изненаденоста од резултатите на локалните избори – и од едната и од другата страна.
Ако се разгледаат резултатите од локалните избори, особено во скопските општини, може јасно да се согледа сликата за она што се случуваше вчера на изборните места. Гласачите на ВМРО-ДПМНЕ се речиси исти на број, па дури и помалку од локалните избори во 2017 година. Гласачите на СДСМ, пак, се преполовени и пораката е јасна.
На локалните избори во 2017 година, за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ гласале околу 77 илјади луѓе во седум скопски општини, а годинава бројката е над 70 илјади гласачи (се уште не се преброени сите гласачки ливчиња). За кандидатите на СДСМ, пак, пред четири години во истите скопски општини гласале околу 120 илјади луѓе во првиот круг на изборите. Годинава бројката е преполовена, односно изнесува 52 илјади гласачи, односно 65 илјади гласачи помалку. Или, едноставно кажано, ВМРО-ДПМНЕ ги задржало своите гласачи, иако не во целост, а СДСМ, условно кажано, загубило половина од своите, барем во скопските општини.
Најеклатантен пример за ова е општина Аеродром. Во 2017 година за Златко Марин гласале 22.559 гласачи, а годинава за Александар Филиповски од СДСМ, само 6.337. Пет илјади помалку гласа има и ВМРО-ДПМНЕ, но сепак предноста на Тимчо Муцунски е голема, со освоени 55,24 отсто од гласовите.
Слична е и ситуацијата со општина Ѓорче Петров. Александар Наумоски од СДСМ на изборите во 2017 година победи со над 13 илјади гласови, а сега доби над 5 илјади. Се забележува и намалување на бројот на гласови и кај гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.
Голема е разликата и кај гласовите во Центар. За СДСМ во 2017 за Саша Богдановиќ гласале речиси 18 илјади гласачи, а годинава на Горан Герасимовски доверба му дале околу 9 илјади гласачи помалку.
Околу 3.200 гласови помалку за кандидатот на СДСМ има и во Бутел, а на сметка на тоа се зголемува бројот на гласачи кои се определиле за кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, кој победи во првиот круг од изборите.
Филип Темелковски од СДСМ годинава доби 10 илјади гласа помалку, за разлика од 2017 година кога беше избран за градоначалник. Гласовите за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во оваа општина, се речиси идентични на локалните избори во 2017 година и оние што се одржаа вчера. Во 2017 година кандидат беше Јохан Тарчуловски, а сега, Орце Ѓорѓиевски.
И во Гази Баба нема голема разлика меѓу гласовите за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, споредено со двата изборни циклуси. Но, затоа, разликата во гласовите за кандидатот на СДСМ е голема – над 8 илјади гласа помалку има на локалните избори годинава, од гласовите што во 2017 ги доби Борис Георгиевски.
Стефан Богоев во 2017 година во Карпош освои 21.278 гласови, а годинава Душко Весковски од СДСМ освои два пати помалку.
За разлика од 2017 година, сепак, годинава имаше дисперзија во однос на опциите, односно граѓаните имаа можност да се определат за различни политички структури. ЛДП/ДОМ, Левица, ТМРО, Демократи, Зелен Хуман Град, беа само дел од партиите кои предложија свои кандидати на изборите, а голем дел освоија и советнички места.
Во секој случај, неизбежен е заклучокот дека станува збор за илјадници гласови кои симпатизарите и поддржувачите на СДСМ сега ги губат. Најдобар приказ за ова е Град Скопје, каде што се води тесна борба, а бројките покажуваат дека за Петре Шилегов гласале речиси два пати помалку граѓани отколку во 2017 година.
„Без оглед на исходот во вториот круг, самите трендови укажуваат на голем пад на поддршката на коалицијата. Со самото тоа што сите поголеми градови се изгубени или во тесно водство, покрај супериорната победа на минатите избори, покажува дека потфрли сериозно Владата во очекувањата кои ги имале од неа. Можеме да зборуваме во делот на случувањата со корупцијата, борбата со урбаната мафија, во делот во однос на централната политика кој се рефлектираше на локалните избори, потфрлањето во надворешната политика, пред се во ЕУ интеграциите, потфрлањето во одност кон Бугарија и манифестирањето на преголемата сервилност која граѓаните ја осудија, автентичната посветеност во промовирање на квалитетни кадри со интегритет и компетенции во јавната администрација, неколку отпуштања кои беа резултат на политички дилови, а не на нешто друго… Се разбира, и пандемијата имаше влијание која ја бутна економијата надолу што делумно и не е заслуга на владата меѓутоа луѓето страдаа и здравствено, но луѓе губеа и работни места“, вели политикологот Марко Трошановски.
Тој смета дека локалните избори се секогаш предвесник на парлементарните избори, и во случајов најавуваат промена на политичката насока во корист на опозицијата.
„Тоа се случува во ситуација кога имаме тенко и фрагилно мнозинство, можно е да значи и брзи промени на парламентарната конјуктура, на владиното мнозинство. Но јас мислам дека конечно треба да престанаме со циклуси на вонредни парламентарни избори со кои континуитетот на реформските политики се прекинува на секоја година-две. Конечно треба да истераме еден мандат, СДСМ има легитимитет да водат четиригодишен мандат без оглед на исходите од локалните избори“, смета Трошановски.