На дел од избирачките места утрово гласањето било прекинато поради проблеми со уредите за биометриска идентификација на гласачите. Портпаролката на Државната изборна комисија Љупка Гугуческа, извести дека теничките служби ги решаваат проблемите со уредите паралелно со гласањето.
„На одреден број избирачки места имаше прекини поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација, лош квалитет на базата на отпечатоци, кои се надминуваа во тек на гласањето. На избирачките места се јавува непрепознавање на отпечатоците на гласачите во самиот уред. Во упатството е предвидено во ваквите случаи идентификацијата на гласачите да продолжи со скенирање на личниот документ на гласачот, можност која ја има самиот уред или со внесување на матичниот број. Тоа е постапката што следи доколку уредот не ги препознава отпечатоците“, објасни портпаролката Гугуческа.
На избирачките места на кои уредите не работеле извршена е замена со нов уред и гласањето продолжило. Портпаролката Гугуческа потсети дека ДИК има набавено 500 резервни уреди. На оние места каде што не е направена замена Гугуческа вели дека гласањето продолжило на стариот начин, без отпечаток од прст оти нивната цел е секој што излегол на гласање да може да го оствари правото на глас.
„Скенерот на апаратот треба да се чисти, а гласачите да притиснат повеќе кога го оставаат отпечатокот. Имаме издадена инструкција да се оди двапати со отпечаток, ако нема совпаѓање се скенира документот или се внесува матичниот број на гласачот“, рече портпаролката Гугуческа.
Прекините на избирачките места, кои се досега пријавени, не се подолги од три часа. Онаму каде што прекините се од еден до три часа, гласањето нема да заврши во 19 часот туку ќе биде продолжено за онолку време колку што траел прекинот. Доколку на некое гласачко места биде регистриран прекин подолг од три часа, Изборниот законик предвидува таму гласањето да не продолжи, но засега нема такви пријави.