Гласањето на Локалните избори 2021 почнува денеска со изјаснувањето на болните, немоќните и лицата со Ковид-19 и во самоизолација чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно раселените лица.
Гласањето на лицата со Ковид-19 или во самоизолација го спроведува посебен избирачки одбор составен од здравствени работници. Предвидено е Општинската изборна комисија по службена должност да собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање. ДСЗИ е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да ги достави до ОИК податоците за лицата пријавени со Ковид-19 или во самоизолација.
Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат, преку овластен полномошник ќе ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (13 октомври на полноќ).
Избирачите кои на денот на гласањето се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа гласаат во установата каде што се згрижени, еден ден пред денот определен за одржување на изборите, по претходна пријава до одговорното лице на установата каде се згрижени. Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор на чија територија се наоѓа установи за вонсемејна грижа, на 16 октомври.