Кандидатот за градоначалник за Град Скопје, Ана Петровска, советничката листа на Зелен хуман град и членката на советот на Виена од Австриската зелена партија, Хајди Секвенц ја посетија фабриката Купрум во населба Хром.
„Во сегашноста, објектите на историското еколошко жариште – фабриката за производство на бакар Купрум во населбата Хром пропаѓаат, бидејќи не се решени имотно-правните односи. Земјиштето и објектите се делумно во државна, делумно во привата сопственост, а еден дел влегуваат во стечајната маса на поранешната фабрика.
Овој простор како да ги повикува младите и уметниците да создаваат зелени иновации и уметност. Шетајќи покрај прекрасните мурали насликани на ѕидовите, Хајди Секвенц одушевено коментираше: „Овој простор има специфичен карактер, објектите не смее да се срушат и на нивно место да се градат станбени згради!“, се вели во соопштението на Петровска.
„Градот Скопје и општината Ѓорче Петров мора овој простор да го трансформираат во младински центар. Да се формираат зелени стартапи, занаетчиски работилници, помеѓу другото и за поправка на домашни апарати и мебел. На просторот може да се организираат изложби, концерти и други културни настани.
Напуштените индустриски објекти, стоваришта, културни домови, училишта, месни заедници, мора да се ревитализираат и пренаменат во јавни простори со многу зеленило и нови паркови. Само така Скопје ќе биде зелен и хуман град“, се наведува во соопштението на Петровска.