Отворена изложбата „Неонска рефлексија“

Од:

До 31 октомври ќе биде отворена изложбата „Неонска рефлексија“, во чии рамки на излозите во Францускиот институт и кафе-барот Нано во Скопје се претставени инсталации од македонскиот уметник Антонио Пирковски.

Изложбата ја отвори францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Тој истакна дека Францускиот институт во Скопје е простор отворен за младото творештво и размената на идеи.

Како што посочуваат организаторите, илустрирајќи го градот како отворена галерија преку уметност прикажана во излозите, идејата е да се поттикне комуникација меѓу пошироката публика и уметноста, притоа, овој пат, раскажувајќи мултидимензионални приказни за трансхуманизмот и технолошката еволуцијата на човештвото преку неонската рефлексија.

Кураторот на изложбата, Кристина Глигоровска објасни дека уметничките инсталации го отсликуваат современиот пристап кон создавањето на скулптурални дела, генезата на универзумот, трансхуманизмот, како и човекот на денешницата во процесот на трансформација во сајбер-човекот од иднината.

-Клучниот елемент во делата е неонската светлината, која во излогот на Францускиот институт ја рефлектира пораката за испреплетената природа на уметноста, знаењето и модата која е моќна алатка за визуелизација на иднината, додека во излогот на кафе-барот Нано е отсликана симбиозата помеѓу уметноста, науката и технологијата, додаде Глигоровска.

Изложбата „Неонска рефлексија“ е дел од проектот „Излогот како уметнички медиум“ во реализација на галеријата Акантус и Здружението за промоција на визуелната култура – Студио Вирту.

Специјален гостин на проектот беше Солин Д’Абовил, светски познат дизајнер, сценограф и специјалист за креирање на излози, основач на агенцијата Manymany во Париз и креаторка на некои од најкреативните излози во светот. Проектот е поддржан од нашето Министерството за култура, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Францускиот институт и кафе-барот Нано.

Би можело да ве интересира

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска

Клупска изложба на фотографии „Мајски салон 2024“ во Центарот за култура во Куманово