Високиот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко истакна дека високо го цени напредокот што го прави Србија на патот кон Унијата благодарејќи на фактот што нејзиното актуелно раководство „има визија, храброст и одлучност земјата да стане кредибилен партнер на Европа“, додавајќи дека жали што тоа не е случај и со БиХ.
– Додека Србија решава крупни прашања, ние овде во Сараево не можеме да го решиме прашањето за Мостар, единствениот матичен број, нагласи Инцко.
Високиот претставник на ЕУ додаде дека Белград и Приштина во Брисел постигнале навистина огромен напредок.
– Сите во соседството се чудиме како Србија отиде толку далеку во овие разговори со Приштина и тоа за проблем кој трае 600 години, изјави Инцко, додавајќи дека Србија направила голем исчекор и во борбата против криминалот и корупцијата.
Тој е уверен дека кога регионот ќе тргне напред, како што е случајот со Хрватска, Црна Гора и Србија, тоа ќе биде добар пример за БиХ.
Според него, во БиХ, по повеќе од 10 години голем повоен напредок, дошло до стагнација и тоа затоа што меѓународната заедница одлучила судбината на земјата да им ја препушти на локалните политичари.